На „Арцелор митал“ му виси казна од 70.000 до 100.000 евра за поморот на риби во Вардар

Објавено на 24.09.2019 во 15:50:16 часот | Македонија

Државниот Инспекторат за животна средина ќе го забрани за работа погонот на Арцелор Митал – Либерти хаус груп, по завчерашната еколошка катастрофа во Вардар, а дали спрема раководството на оваа компанија ќе следи и кривична пријава, ќе се знае најмногу за два дена, пишува Плусинфо.

За овој инцидент, излевање на железо и киселина во Вардар кај Ново Лисиче, без претходно соодветно третирање, по што се случи и масовен помор на риби, може да биде поднесена и прекршочна пријава, со можна парична казна (глоба) од 70.000 до 100.000 евра. Хемичарите категорични – да, ова е силен отров, киселината нагризува и слузокожа и ткива, а резултатите треба да покажат дали и колку била нарушена и ПХ-вредноста на водата во Вардар и колку хлориди имало.

Еколошката катастрофа се случила поради пукање во погонот при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и обоена црвеникаво-жолта отпадна вода завршила во реката Вардар, потврдија вчера од инспекторатот.

– Контаминацијата на Вардар е предизвикана од Арцелор Митал – Либерти хаус, во чиј погон вчера бевме на терен, по што имавме соопштение. За тоа што понатаму ќе преземеме, ќе ја информираме јавноста, а сега чекаме дополнителни информации и од компанијата и целосните резултати од анализите на водата по инцидентот. Постапката е во тек, а погонот секако, и без забрана, не може да работи поради инцидентот, но секако ќе следи престанок на работа на оваа линија – изјавил Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор во животна средина и природа за скопскиот регион.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет