Успешна акцијата за помош на Лиле и нејзините синови, собрани над 7000 долари!

Објавено на 04.12.2019 во 12:07:40 часот | Македонија

Донаторската акција за помош на велешанката Лиле Димитриевска и нејзините возрасни синови кои се лица со церебрална парализа е стопирана. Според организаторот на акцијата, Јулијана Миовска, жена по потекло од Велес која живее во Лондон, за само три дена се собрале средства во висина од околу 7.000 долари.

Првичната цел била да се соберат околу 6.500 долари, кои што Лиле ќе може да ги искористи за медицинска терапија, помагала за физиотерапија, асистенти за синовите и друго. Во рок од три дена, откако беше започната акцијата, 278 лица донирале, со што се собрале дури повеќе од првично планираните средства.

Миовска им се заблагодари на хуманите луѓе за помошта и порача дека Лиле за најкраток рок ќе ги добие на располагање собраните пари кои ќе и бидат од голема помош во тешкото секојдневие.

-Наместо за десет дена, како што претпоставував, средствата ги собравме само за три дена. Ви благодарам на сите што дониравте – напиша таа во групата за донации.

Приказната за мајката со двајца синови кои се врзани за кревет и видеото во кое е опфатен дел од нивниот живот за прв пат се појави во јавност лани. Таа бараше помош од државата, бараше лични асистенти кои ќе и помагаат во тек на ден, бидејќи самата се грижела за двајцата возрасни мажи.

Неодамна беше снимен нов видео клип со апел за помош од мајката, на кој што таа плачејќи ги хранеше синовите, по што започна хуманитарната акција на социјалните мрежи.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет