Пендаровски згрме, ги наљути ВМРОВЦИТЕ: Не само оставка, туку и затвор за секој функционер кој станал милионер со државна плата без логично образложение

Објавено на 18.12.2019 во 19:07:00 часот | Македонија

* Реклами ----------------------------------------------------------------------------------------

-------------------------------------------------------------------------------------------------------

* Реклами ----------------------------------------------------------------------------------------

-------------------------------------------------------------------------------------------------------

За само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа, нагласи шефот на државата Стево Пендаровски во своето прво годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

„Во овој законодавен дом, во 2017 година бевме сведоци на трагични настани до кои нè доведе т.н. „заробена држава“. Од тогаш до денес, за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа. Клучните демократски индикатори – слободата на медиуми, економските слободи, отстранувањето на политичката контрола од правосудството и администрацијата, се придвижија во позитивна насока и тоа го покажуваат сите објективни анализи направени во меѓувреме и кај нас и во странство“, рече Пендаровски.

Меѓутоа, како што посочи, генералната перцепција кај нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми.

„Широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генераторот на демократските промени настапуваше под мотото „Нема правда, нема мир“, но, за жал, три и пол години по единствената, наша, демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците“, истакна претседателот.

Според него, еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија.

„Безмалку три децении сме независна држава, а ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет“, додаде Пендаровски.

Без намера да навлегува во нечии политички програми и идеи, Пендаровски рече дека сака уште од сега јавно да ѝ порача на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај политичарите.

„За секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка, додаде Пендаровски.

Неопходно е граѓанско помирување и надминување на поделбите 

Пред мене, но, и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, сè уште сe длабоки. Ако порано и денес, тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последната деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија, рече претседателот Стево Пендаровски.

Притоа, како што кажа, не зборува за политичките разлики кои легитимно постојат во секоја демократија, туку за непотребното трошење на енергијата и потенцијалот на општеството кои мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус.

„Граѓанското помирување за кое зборував на мојата инаугурација нема да се случи самото по себе, ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни. Вчера, на моја иницијатива, одржавме средба со лидерите на најголемите верски заедници на којашто ги замолив, секој во рамките на своите надлежности да дејствува во насока на продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебно почитување во едно мултирелигиско и мултикултурно општество какво што е нашето“, истакна Пендаровски.

Средбата на лидерите на парламентарните партии, како што посочи, која се одржа веднаш по неповолниот исход на последниот европски самит и која беше прва од таков вид без посредување од меѓународната заедница, покажа дека поседуваме доволен домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Впрочем, додаде Пендаровски, наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем.

„До крајот на годината, за првпат во кабинетот на еден претседател, ќе организираме серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност, и на кои средби, на моја покана, ќе бидат присутни и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001 година, кои тогаш беа на различни страни. Мојата цел е на овие млади луѓе преку директни примери да им ја покажеме, од една страна, цената на насилството, а од друга, вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја. Старите поделби по етничка и партиска линија не ги надминавме, а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас. Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. Притоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред сè, врз нас, избраните политичари“, истакна претседателот на државата.

На годишното обраќање на претседателот Пендаровски присуствуваат пратенции, членови на Владата, претставици на судската власт, на дипломатскиот кор, на верските заедници.

Законот за јазици нема потенцијал да ја дестабилизира земјата

Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат, истакна претседателот Стево Пендаровски од говорницата во македонското Собрание. Рече дека многу коментираниот Закон за јазици, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, според нашите стари, лоши навики го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија.

„Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија“, истакна Пендаровски.

За да биде уште појасен околу својот личен став, Пендаровски потсети дека уште пред две години, тогаш како пратеник, во Комисијата за европски прашања, аргументирал дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот.

„Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат“, додаде шефот на државата во обраќањето пред пратениците.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет