Домаќинствата од Влае први ќе почнат да го селектираат отпадот во Скопје

Објавено на 19.12.2019 во 15:26:37 часот | Македонија

Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и Општина Карпош денеска почнаа пилот-проект за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, со којшто ќе бидат опфатени 500 индивидуални домаќинства од населбата Влае. Овие домаќинства ќе го селектираат својот комунален отпад на сува и влажна фракција.

По повод почетокот на овој пилот проект, денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани одржаа прес-конференција, а присуствуваше и независниот консултант и експерт од областа на преработувањето биоразградлив отпад од САД, Џеф Гејџ.

– Почнуваме нов пилот-проект за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата. За таа цел, во општината Карпош, во населбата Влае, на домаќинствата им се поделени 500 канти за селекција на отпадот, што ќе овозможи да го одвојат сувиот од влажниот отпад, со цел во текот на наредната година, во рамките на системот на ЈП „Комунална хигиена“, да почнеме со компостирање на комуналниот отпад. Затоа, апелирам до жителите на Влае одговорно да го одлагаат отпадот зашто успешноста на овој проект во голема мера ќе влијае на имплементацијата на овој концепт во целиот град, рече денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Тој упати благодарност до УСАИД кои обезбедија експертиза за спроведувањето на овој проект од областа на преработувањето на биоразградливиот отпад.

– Во старите корпи кои веќе ги користат домаќинствата од претходно, ќе се одлага влажната фракција од отпадот: остатоци од храна, овошје, зеленчук, месо, лисја, месо и сл. Во новите корпи за отпад, влаевчани ќе можат селектирано да одлагаат пластика, хартија, стакло и метал, објасни градоначалникот Богоев.

Примарната селекција на отпадот, како што рече Шабани, резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно, како што рече, е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депонија.

– Покрај сувиот дел од комуналниот отпад што веќе се преработува, планираме во целост да ја искористиме и преработиме и влажната фракција на отпадот, за што веќе имаме нацрт-проект за компостирање на биоразградливиот отпад, што следната година ќе започне да функционира во нашиот Центар за селекција во Вардариште, a го изработи консултантот од САД, Џеф Гејџ, рече Шабани. .

 

 

loading...

 

Македонија

Свет