ЗНМ ги осуди заканите кон новинари на ИРЛ, Азманов укажувал како „требало“ да се известува

Објавено на 02.01.2020 во 11:23:46 часот | Македонија

Здружението на новинарите на Македонија ги осуди притисоците кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија, Маја Јовановска, откако објави сторија поврзана со градежни активности од последните години во скопската населба „Тафталиџе“.

„За време на викендот, сопственикот на градежната фирма „Настел“ – Зоран Азманов испратил пишани пораки до Јовановска укажувајќи како таа „требала“ да известува за темите поврзани со градежништво. Овие пораки биле испратени на телефонскиот број на новинарката Јованоска веднаш по објавувањето на сторијата на ИРЛ за уништувањето на населбата Тафталиџе од страна на градежните фирми. Во обид да се смират тензиите, главниот уредник на ИРЛ, Сашка Цветковска го предупредува Азманов дека овие реакции кон новинарката претставуваат притисок и вознемирување и го упатува да се послужи со легалните инструменти или да се пожали до еснафските здруженија. Азманов и на овој обид реагира со вознемирувачки, обвинувачки и клеветнички пораки. Очекуваме во најбрзо време во МВР да биде повикан на разговор бизнисменот Азманов и истиот да образложи зошто има потреба да ја вознемирува новинарката Јовановска и кон истата да користи недоличен говор со елементи на закани и дискриминација“, соопштија од ЗНМ.

Од таму додаваат дека кон новинарката Јовановска во текот на минатата недела била упатена телефонска закана преку пуштање на снимени звуци од експлозија, што, според ЗНМ, јасно укажува на обид за заплашување и вознемирување на новинарите од ИРЛ.

„ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да се спречат идно насилство кон новинарите. Овие закани, не се единствени кои ИРЛ ги пријавува до ЗНМ во 2019 година. ЗНМ беше информирано и посредуваше при заканите по живот врз новинарот Давид Илиески. Новинарката Сашка Цветковска беше повеќе месеци под физичко обезбедување поради работа на истражувања за организиран криминал. Оттука, загриженоста на ЗНМ за безбедноста и сигурноста на новинарите кои следат корупција и криминал е оправдана“, стои во реакцијата на новинарското здружение.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет