Заев: Овие празнични денови, меѓу најблиските и саканите, секој нека го почувствува огнот на светлината и топлината

Објавено на 06.01.2020 во 10:40:09 часот | Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, во чест на големите христијански празници Бадник и Рождеството Христово Божик, во името на партијата и во негово име  упати честитка до г.г. Стефан, архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА и до сите луѓе во нашата држава, кои ги чествуваат овие празнични денови.

-Раѓањето Христово, што со векови симболично го одбележуваме секоја нова година, е силна порака дека секој од нас лично, како верник, како човек, како дел од општестeството, ја има можноста да го послуша гласот на совеста, да се надрасне себеси и уште поопределено и понасочено да дејствува кон доброто, за себе, за децата и родителите, за семејството, но и за доброто на заедницата и на државата во коишто живее, работи, твори, учи, дејствува, се наведува во честитката.

Христовото раѓање, стои во честитката, потсетува на одговорноста пред којашто е исправен секој совесен човек, да стои искрено и храбро на страната на вистината и правдата, да ги негува и практикува вредностите на солидарност, на подадена рака едни кон други, на меѓусебна почит, разбирање, мудрост, трпение, љубов. 

-Затоа, овие празнични денови, меѓу најблиските и саканите, секој нека го почувствува огнот на светлината и топлината, што водат кон мир и радост. Низ сплотеност и хармонија, како што упатуваат христијанските вредности, кои се и универзални вредности, да продолжиме уште пофокусирано по патот по којшто придонесуваме кон достоинствено општество на спокојни и среќни луѓе. Христос се роди! Среќни празнични денови на сите“, стои во честитката од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет