Детали од обвинението за „крвавиот четврток“: Груевски го организирал и финансирал упадот во Собранието!

Објавено на 10.01.2020 во 17:58:53 часот | Македонија

„Народот да не седи дома во папучи да ја земе судбината во свои раце“. Со оваа изјава дадена за медиум екс премиерот Никола Груевски ги повикал граѓаните што помасовно да се приклучат на протестите пред Собранието на 27 април 2017 година. Груевски исто така ја ангажирал и партиската структура, но обезбедил и материјални средства за насилниот упад во Собранието на „крвавиот четврток“. Ова е дел од Обвинението за организаторите на „27 април“, до кое дојде „Фокус“.

„Во почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, обвинетите Груевски, Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието, ангажирале лица за вршење насилство за да се оневозможи и спречи избор на Претседател на Собранието…, пишува во обвинението.

Вељановски, пак, според обвинителниот акт, бил задолжен да го оневозможи избор на претседател на Собранието, со тоа што не дозволил да се изврши измена на точките од дневниот ред на Седницата, иако имало барање од пратеникот Оливер Спасовски.

-Обвинетите Јанакиески и Ристовски непосредно и секојдневно ги контактирале и координирале Градскиот комитет на Скопје и Месните комитети на партијата како и организаторите на протестите, пишува во обвинанието.

Тогашниот директор на УБК, Атанасовски заедно со Бошковски, пак, се товарат дека ги мобилизирале и координирале членовите на групата предводена од веќе обвинетите Александар Василевски Нинџа и Никола Митровски Кољо, одржувајќи постојани средби во кафе бар „Аристократ“, каде ги договарале деталите околу протестите.

-Протестите најпрво биле организирани пред Државната изборна комисија во месец декември 2016 година вклучително правење и молотови коктели, а подоцна и деталите за протестите под мотото „За заедничка Македонија“, а исто така ги организирале и координирале водачите на патриотските здруженија „Владо Чернозески“, „Андон Јанев Ќосето„, „Тврдокорни“ и други со цел по секоја цена да се спречи мирно предавање на власта со избор на претседател на Собранието на Република Македонија, се вели во обвинението.

Во обвинителниот акт се споменува и веќе осудениот Митко Чавков, тогашниот директор на БЈБ.

-М.Ч. постојано го намалувал бројот на полициските службеници за обезбедување на протестите, како и тоа полицијата да не реагира доколку дојде до инциденти, се наведува во обвинението, каде што се додадав дека Чавков работел по наредба на Груевски.

Јанакиески и Ристовски пак наводно имале улога да ги ангажираат претседателите на општинските комитети, на кои по телефон им испраќале насоки за масовност на протестите, со содржина: „ве молам лицата за интервентни ситуации и сите други што можете известете ги да бидат на готовс во секој момент можеме да дадеме насоки“, “сите членови доаѓајте испред Собрание сега е моментот“.

Во обвинението се споменува и телефонскиот разговор кој критичниот ден, на 27 април, телохранителот на Груевски, Благоја Василевски, од Виена го имал со својот брат Нинџа.

„Во 14,39 часот контактирал со неговиот брат веќе обвинетиот А.В.-Н. кој веднаш со веќе обвинетиот Н.М.-К. телефонски ги контактирале веќе обвинетите Ј.Ч., И.Ј., М.Д., З.С. за кого постапката е запрена согласно Законот за амнестија, М.М. за кого постапката е запрена согласно законот за амнестија и Д.Д.- Д  сега недостапен на органите на прогон го мобилизирале членството од Скопје и други градови за да извршат во одреден момент насилен упад во Собранието на Република Македонија однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили, дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети…“

Десетина минути подоцна Вељановски испратил порака до Груевски со содржина: „да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница и најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правен факултет….“.

Груевски пак му вратил: „од П.К.: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Т .. денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Т. за претседател по иницијатива на СДСМ“.

Јанакиески и Ристовски според обвинетелството имале задача да го мобилизирале членството од Скопје, но и од другите градови што помасовно да тргнат кон главниот град, организирајќи го нивниот превоз.

Во обвинението се споменува и возилото на Бошковски, кое било полно со оружје.

„Н.Б. со возило марка „Голф“ сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел оружје и тоа автоматско оружје, пиштоли и панцирни елеци кое требало да се подели на лицата кои протестирале и кои имале искуство со ракување со оружје, па со вака превземените усогласени и поврзани дејствија предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните на Република Македонија.“, се наведува во обвинението.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет