СМЕНЕТИОТ ЈОВО ПРЕВАРА НАПРАВИЛ СТРАШЕН КРИМИНАЛ: По две години се криеле предмети во Врховен суд со цел да застарат!!!

Објавено на 20.01.2020 во 17:06:09 часот | Македонија

Судски предмети се криеле во Врховниот суд. Некои застареле, некои одново ќе се реферираат. Предметите на суспендираните судии Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска се прераспоредени кај судијката Цветанка Периќ. Сите овие теми биле отворени на последната седница на Одделот за казниви дела во Врховниот суд во октомври. Според изнесеното на состанокот, тројца судии, Џемаил Саити, Ристо Катавеновски и Африм Фидани имаат по 60-тина нерешени предмети, иако и други судии не заостануваат многу.

Сега пак, судијката Периќ е натрупана со предмети, кои ќе мора да ги подготви за реферирање затоа што сите 18 предмети на Вангеловски и 30-тина на Стојковска, одат на нејзиното биро на проучување. И на судијата Шпенд Деваја му се одзеле некои предмети затоа што преминал од кривичен во граѓански оддел.

Контролата на Вангеловски

Но, што попрецизно се заклучило на седницата на Одделот за казниви дела и каква штета е предизвикана од тоа што Вангеловски држел предмети под контрола? – Во еден предмет постоела пресуда од 2016 година, но Вангеловски како член на советот не ја потпишал, иако ја имал во фиока од април во 2017 година до септември лани. Дополнително, водителот на Писарницата во Врховен суд неколку пати се обидувал да стигне до предметот, но упорноста на Вангеловски не попуштала.

Во друг предмет, во период од февруари во 2017 година до септември во 2019 година, не бил потпишан судијата Фаик Арслани, но тоа било така затоа што тој не можел да стигне до предметот оти Вангеловски го имал кај себе. И во трет предмет, Вангеловски подолго од две години не се потпишувал на одлука и ја контролирал да не биде експедирана, исто како што не биле и претходните две.

Овие три предмети се издвојуваат како експлицитни во кои Вангеловски демонстрирал моќ и
контрола, а ги водела Лидија Неделкова.

Застарено дело

Постои и еден предмет кој е криен во архивата на Вангеловски за кого е настапена апсолутна застареност. Инаку, тоа е предмет на судијата Африм Фидани. На седницата на Одделот за казниви дела било констатирано дека иако била донесена пресуда во јули во 2019 година, кога предметот уште не бил застарен, но потоа Вангеловски наместо да ја потпише ја чувал неколку месеци, и во септември делото на кое се однесувала пресудата, застарило.

За што поточно станува збор? – Лицето И.Ќ. упаднал во продавница за домашни миленици и го искористил невниманието на друг купувач, па му ја украл ташната. Оштетениот истрчал по него, но не успеал да го стигне. Со ташната, крадецот однел пиштол Берета вреден 1.000 евра, 20 куршуми, дозвола за оружјето, неколку банкарски картички и друго.

Фото: kurir.mk

Првостепениот суд го прогласил за виновен и го осудил И.Ќ. на условна затворска казна. Истото го направил и второстепениот, но Врховниот суд го вратил предметот на повторно одлучување во апелација. И новата пресуда на овој суд била идентична, условна затворска казна и крадецот да плати 500 евра за судските трошоци на оштетениот, како и да му надомести материјална штета во износ од 1.000 евра.

Така предметот по втор пат завршил во Врховен. Иако имало мериторна одлука, сепак, неколкуте месеци додека Вангеловски се мислел за потпис, предметот застарел.

Тешко им оди читањето, а другото?

Во два предмета, пак, на судијата Саити не му се потпишала судијката Стојковска, иако пресудите биле стари и по шест месеци. На 1 октомври, Вангеловски, од непознати причини зошто, потпишал четири предмети, но одлуките за нив биле донесени уште во 2016 година, во 2017 година и во 2018 година, и тие не може да се верификуваат и експедираат со оглед дека датумите на одлуките се стари и со оглед на одлуката на Судски совет за времено оддалечување на судијата Вангеловски од Врховен.

Оваа седница на Одделот за казниви дела на површина ги вади сите аномалии на Врховниот суд, од недоволен број судии, до неажурност, пренатрупаност, а сето тоа зачинето со политичко-партиски влијанија. Или, просто кажано, одамна Врховен не е на ниво на задачата. Затоа некои судии на седницата се пожалиле од свои колеги дека предолго време им треба за читање предмети, дека недоволно се ангажираат, а сето тоа го доведува судот во очајна состојба.

Други, пак, судии реагирале дека имаат ангажмани во неколку материи и дека од преголеми обврски не можат секаде да постигнат со што се влошува квалитетот на одлуките и нивно носење во разумен рок, а со тоа се загрозува и владеењето на правото.

По ваквите ставови на врховните судии кон Вангеловски, тешко дека тој ќе може да се заштити од одлуката на Судскиот совет да го суспендира од Врховен. Иако по неговата жалба против Судски совет ќе одлучува комисија во Врховен, во која учествуваат и делегати од апелационите подрачја, сепак, овие факти со застарување и криење предмети не му одат во прилог. Иако суспензијата се однесува за друг предмет во кој на Сеад Кочан му беше укината мерката притвор за да може да допатува во Македонија, сепак и овие примери зборуваат за непримерното однесување. Во најмала рака, штетно за правната држава.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет