Ако сме во црнила, зошто толку многу се смееше?

Објавено на 21.01.2020 во 20:54:27 часот | Македонија

пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Го гледав пред некој ден Мицкоски во „Еден на еден“. Што ми остави најмногу впечаток?

Прво, Мицкоски рече дека има време три пати неделно со сопартијците да пешачи на Водно и уште три пати да оди на „теретана“, а ниту еднаш не отишол на родителска средба. Голем минус за родителот Мицкоски, а уште поголем минус за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – партија која сака да не убедува дека се бори за зачувување на семејни вредности. Па тоа ли е семејна вредност, ниту еднаш да не отидеш на родителска средба?

Второ, Мицкоски сам си го поби претходното тврдење „Работев прво како хигиеничар во една приватна компанија“. Сам си призна дека работел само еден ден, а другиот ден не отишол на работа. Зарем еден ден работа е доволно за човек јавно да се фали на прес дека работел ко хигиеничар? Ама, ете, спинот на Мицкоски му упали и новинарите сега го прашуваат како му дале метла како тазе инженер, а не го прашуваат како дипломирал, магистрирал, докторирал и како се вработил како асистент и професор кај татко му.

Трето, на хипотетичкото прашање што ќе прави со Преспанскиот договор ако дојде на власт, Мицкоски прво нервозно почна да се чеша по главата, а потоа кажа: „ако ние имаме определени услови за да одиме чекор назад, исполнети, ние ќе одиме чекор назад“. За жал, немаше достоен соговорник да му укаже дека укинувањето на Преспанскиот договор не е само „чекор назад“ (губење на членството во НАТО), туку уште сто чекори назад – не само враќање на преговорите со Грција на самиот почеток, туку и тотално губење на европската перспектива и меѓународниот углед како држава. Ниту пак Мицкоски беше прашан што фајде имавме од него како скапо платен советник на Груевски и Емил Димитриев, кога економијата почна најмногу да пропаѓа и бевме најмногу зависни од увоз на скапа струја.

Четврто, на провокативното прашање дали се слуша со Груевски, Мицкоски прво праша „Со Дејан Груевски?“, а откако беше спомнато името Никола, Мицкоски одговори: „Има еден Никола од Кисела Вода. Не се слушам со него“. Дури после, церекајќи се цело време, Мицкоски рече дека за него ваквото прашање било малку „навредливо“. Зошто за Мицкоски е навредливо прашањето дали актуелниот претседател се слуша со почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, регуларно избран на партиски конгрес? Дали Мицкоски се срами од Груевски (баран со меѓународна потерница од МВР, на чело со Наќе Чулев), како што Груевски се срамеше од Љубчо Георгиевски? Па, зарем ВМРО-ДПМНЕ се срами од сопствената партиска историја, која не учи дека оваа „револуционерна“ партија ги „јаде“ своите претседатели?

На крајот, најмногу впечаток во целата емисија ми остави фактот дека Мицкоски ептен многу се смееше. Дали некој го поучил дотогаш смртно сериозниот Мицкоски на народната поговорка дека „Ѓаволот не се смее, ниту сонце кога грее“? Ама, пак, има уште една поговорка: „И многу смеење, не е на арно“. А Мицкоски толку многу се смееше во целата емисија, што во еден момент се запрашав: Како е можно толку да се смее претседателот на партијата чија пропагандна машинерија сака да не убеди дека Македонија е потоната во црнила и црно владеење? Ако сме толку во мрак и црнила, зошто цел час Мицкоски се смееше на национална телевизија? Е, за тоа има уште една народна мудрост: „Будалата се смејт и кога не е за смеење“.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет