БРАВО: Младите до 23 години кои работат во производство ќе добиваат дополнитeлни 3.000 денари месечно субвенција од државата

Објавено на 23.01.2020 во 19:54:13 часот | Македонија

Собранието вечерва го донесе Законот за младински додаток по скратена постапка, кој предвидува на млади до 23 години по завршување на средно образование да им се доделуваат по 3.000 денари за работа во производството.

Целта е да се стимулира запишување во средни стручни училишта и поттикнување на вработувањето во производството или поддршка за младите што се вработени во производните области. Парите за младински додаток  ќе се обезбедат од Агенцијата за вработување, а месечно за оваа мерка се предвидени 13.200.000 денари. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за законот.

Пратениците го оценија како прифатлив Предлог-законот за енергетска ефикасност кој е проследен во натамошно, второ читање. Законот е со европско знаменце зашто предвидува нашата земја да се обврзе да транспонира две директиви од ЕУ – за енергетска ефикасност и за енергетски карактеристики на зградите.

Според сегашната состојба во законодавството, постои бариера за имплементација на мерки за енергетската ефикасност во државата, односно во 2014 година  беше одложена обврската за издавање сертификати за енергетска ефикасност кај јавните згради и издавање сертификати за енергетска ефикасност при купопродажба или при давање под закуп на постојни згради кои се користат во резиденцијалниот сектор до денот на членството на Република Северна Македонија во ЕУ.

Ова решение го попречи пазарот на енергетските услуги, иако приближно 300 енергетски контролори посетиле обуки и положиле испити, по што се стекнале со овластување за вршење енергетска контрола и соодветно на тоа приближно 80 компании се стекнале со лиценца за вршење енергетска контрола. Со новиот Закон за енергетска ефикасност,  меѓу другото,  треба да се надмине таа бариера.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет