БОМБА НА ОРДАНОВСКИ: „Медена земја“ е супериорен доказ дека „разликите обединуваат“ и дека „Едно општество за сите“ е совршено логична општествена формула, а не политичка, празна флоскула!

Објавено на 27.01.2020 во 18:48:11 часот | Македонија

Прво, таа по којзнае кој пат, но сега со дефинитивна убедливост, го потврдува најдобриот извозен производ што може да се направи во земјичево: културата. Има смисла да се покачат вложувањата (не само во пари) и во филм и во романи и во поезија и во музика и во сликарство и во сето друго од таа уметничка фела, бидејќи еден ваков грандиозен успех подобро „ни ги враќа парите“ од сите досегашни државни промоции на Македонија во странство. Економски, ако знаеме добро да го мултиплицираме ефектот од „Медена земја“, македонското стопанство може да види стопати поголема корист од парите инвестирани во самиот филм.

Второ, „Медена земја“ е супериорен доказ дека „разликите обединуваат“ и дека „Едно општество за сите“ е совршено логична општествена формула, а не политичка, празна флоскула. За ова може кој што сака да каже – во општествено-политичката хистерија на Фејсбук има томови напишани статуси со различни нивоа на омраза и злоба од сите бои и припадности – но, нема ништо поубаво од тоа кога успесите можеме да ги споделиме заедно, како извонредна комбинација од (главно, не по наша вина) нашите разлики.

Конечно, кому нормален, вон нашава зачадена провинциска меана, му е гајле што во целиов спектакл сме „заведени“ под „Република Северна Македонија“? Целата таа „северџанска“ кумулативна кампања на навреди и омаловажувања се распрснува како меур од сапуница, оддуван од виорот на светот кому единствено му е важно што и како создаваш. Совршено е неважно дали си Коби, Ајншајн или Атиџе, ако тоа што го правиш ги допира срцата на милиони други…

Според тоа, немаме уште многу време за единствено исправна реакција: филмот „Медена земја“ да се забрани за прикажување и какво било натамошно спомнување, а на неговите творци да им се отповикаат пасошите за да не можат да се вратат во татковината, бидејќи нацијата не може веќе да го апсорбира нивниот, нашиот успех!

Ајде, сега, сите назад на скандалите и аферите, бидејќи тоа, сепак, најдобро умееме да го правиме. Кого судиме денеска?

Линк до целата колумна, на Цивил Медиа

 

 

loading...

 

Македонија

Свет