ЕРОЛ РИЗАОВ: Зоран Заев е најатипичниот македонски политичар и најнеобичен премиер кој се појавил на македонската политичка сцена од независноста до денес

Објавено на 18.02.2020 во 19:42:11 часот | Македонија

Зоран Заев е најатипичниот македонски политичар и најнеобичен премиер кој се појавил на македонската политичка сцена од независноста до денес. Заев, не припаѓа на редот македонски политички лидери на левицата, ни малку не е налик на Киро Глигоров, на Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска… Ја нема нивната внимателност и одмереност во јавните настапи и изјави, ја нема нивната претпазливост и страв од последиците на избрзани и погрешни проценки и одлуки, типична за социјалдемократите: трипати мери, еднаш сечи, па колку и да е времето скапо и пропуштен одлучувачки фактор. Дури и неговата социјалдемократска идеологија во добар дел е под знак прашање. Заев го нема интелектуалниот капацитет не само на наброените погоре партиски лидери, туку и на повеќе десетици министри, универзитетски професори, идеолози на социјалдемократите кои во изминатите 29 години беа во владите и во бројните институции на челни позиции во клучни ресори, многумина од нив одамна заборавени.

Признава грешки, не ѕида кули од карти

Зоран Заев ја нема ни жестокоста, ни аргументацијата во критиката и анализите на македонските политички и економски состојби на еден Петар Гошев, ниту пак е видлива неговата заложба за преземање на некаква историска улога во македонската транзиција. Далеку е од итроштината и одржливоста со девет животи на Стојан Андов. Неспоредлив е со примитивниот популизам и лажен патриотизам на лидерите од десницата – Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Признава грешки, не ѕида кули од карти.
Па, во што е тогаш феноменот на Зоран Заев да успее да ги оствари најзначајните стратегиски цели и државни интереси за неполни три години, и и покрај болните компромиси и отстапки да ја донесе Северна Македонија до членство во НАТО и до најголема извесност за почеток на преговорите со ЕУ, за конечна припадност во европското семејство, што не му успеа ниту на еден македонски политичар, да ги направи реални изгледите за изградба на европска демократска просперитетна држава и за дефинитивно отстранување на опасноста од распаѓање и нејзина поделба, присутна во целиот период на најмачната и најдолга транзиција од сите земји на Балканот?

Се работи за „луда“ храброст и вродена прагматичност. Не може поинаку да се објаснат склучени и ратификувани во парламентот незамисливите, но одржливи договори со Грција за името на државата и за пријателство со Бугарија. Допрва ќе се вреднуваат правилно од непристрасни историчари успесите да се сочува името Македонија, јазикот и националната припадност и покрај тешките наслаги всадени во свеста на Македонците, на Бугарите и на Грците како никогаш несовладливи бариери вековно одржувани со омраза и непријателство.


Компромисот од чин на предавство стана европска вредност

Одејќи по тенка жица над бездна донесени се уставните промени, закон за амнестија, законот за јазиците, законот за одбрана, законот за јавно обвинителство и други закони кои ја одредуваат иднината на Македонија како земја која од балканската калдрма оди кон западноевропската цивилизација. Така, компромисот од чин на предавство низ историјата, врежана во главите како заклетва над камата и револверот на ВМРО, па сѐ до бескомпромисната борба, главна филозофија на комунизмот, прерасна во европска вредност неприфатлива на Балканот, но можна со Заев. Да се прифатат отстапки за повисоки цели, интереси и побрз развој, но и за опстанок на државата е европска политика дијаметрално спротивна на свеста формирана со децении наназад. Македонија почнува да ги препознава поголемите интереси од историските наслаги на минатото кои во добар дел се идеологизирани.

Поголемиот дел од јавноста се увери во подготвеноста на Зоран Заев за саможртва кон остварување на стратегиските цели и приоритети и покрај големите отпори и попречувања не само во односите со Брисел, Атина и Софија, туку и на домашен терен за направените отстапки својствени на напрегнатите коалициони односи во власта, често со условувања и уцени, но и на блокадите од македонската опозиција која одби да се приклучи и да даде силна поддршка за евроатланските интеграции на Македонија и да ги прифати историските договори. ВМРО-ДПМНЕ ја избра погрешната доктрина да игра двојна улога – од една страна да бара казна од гласачите за политиката на компромиси и остапки за повисоки цели, а од друга страна да се претставува како силен поборник за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, иако длабоко свесна дека двете работи не се можни. Нема ни членство во НАТО, ни преговори со ЕУ, без компромисите во договорите со соседите, но и без компромисите со коалиционите партнери во земјата.
Блокадите од страна на опозицијата и претходниот претседател на државата противуставно да не се потпишуваат легитимните одлуки на Собранието, да се повикува на бојкот на референдумот за уставни промени, да не се прифаќаат европските закони, насилно со крвопролевање да се попречува примопредавањето на власта на политичките партии кои имаат мнозинство во парламентот и сето тоа да се оправдува како патриотизам и по донесените судски пресуди, го сместија ВМРО-ДПМНЕ на погрешната страна на историјата.

Зоран Заев со прифаќање и реализација на агресивна социјална политика, на прв поглед спротивна на економската закономерност, со зголемување на минималните плати предизвика револуција во земјата која само во Уставот ја имаше определбата дека е социјална држава. Веќе во незавршената трета година од мандатот просечната плата се приближи кон 500 евра месечно, што гарантираше остварување на ветувањето што изгледаше како предизборен шарен балон. Тоа кај еден дел од стопанствениците предизвика незадоволство како да станува збор за социјалистички директиви кои немаат врска со либералната економија, но набргу со недостигот на работна сила ги принуди и самите да бидат пофлексибилни и да ги зголемат платите во судир од конкурентските понуди што ги добиваат македонските граѓани на веќе отворениот европски пазар за слободно движење на луѓето и капиталот.

Македонија со големо задоцнување дури сега се ослободува од урамниловката и од лошото вреднување на добрите стручњаци и работници. Со приближување кон Европа експлоатацијата на евтина работа сила доживува страотен удар. Загубата на профитите на сметка на мали плати ќе ја прикаже вистинската успешност не само на компаниите, многу бргу и тоа не само во државните и приватните фирми, туку и во многу институции, во образованието, во здравството, во земјоделството и во администрацијата. Таму претстојат вистинските реформи.


Политиката на континуитет ќа ја одреди изборната победа

Најтешкиот удар ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе го доживеат на изборите поради неодлучноста да ги прифатат европските мерила на вреднување во сите сфери и поради упорните блокади на владеење на правото. Грешките на власта и корупциските афери Зоран Заев прифати да бидат расчистени во судски постапки со јасно видливо дистанцирање од осомничените, за разлика од опозицијата која уште стои во одбрана на корумпираниот партиски врв по 11-годишното владеење без контрола и по серијата судски постапки кои на очиглед на јавноста се одолговлекуваат до бесконечност.

Политиката на континуитет кон членството во НАТО и во ЕУ и владеењето на правото во земјата ќе ја одреди изборната победа. Тоа поголемиот дел од јавноста веќе го има препознаено. Над 640.000 гласови на референдумот дадени за уставни промени и покрај отстапките прифатени неволно, но како помало зло, за Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ, не се потрошени. Храброста и прагматизмот на Заев да ги остварува приоритетните и најважни државни цели и интереси, се посилни од грешките и особено поприфатливи од неодлучноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски во определбата за Европа и за дистанцирање од своите компримитирани челници сѐ уште залегнати во врвот на партијата. Ете, во тоа е феноменот на Зоран Заев.

Ерол Ризаов

извор: ДВ

 

 

loading...

 

Македонија

Свет