НАРОДНА БАНКА ДЕЦИДНА: КУРСОТ НА ДЕНАРОТ Е СТАБИЛЕН И ЌЕ ОСТАНЕ СТАБИЛЕН, ИМАМЕ ДОВОЛНО ДЕВИЗНИ РЕЗЕРВИ ЗА ДА ГО ОДБРАНИМЕ ОД ЕВЕНТУАЛНИ ФЛУКТУАЦИИ ПОРАДИ КРИЗАТА!

Објавено на 28.03.2020 во 09:58:16 часот | Македонија

Денарот е и ќе остане стабилен – нема промени на нивото на неговиот девизен курс

Имајќи предвид дека во некои медиуми и на социјалните мрежи има објави во коишто се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи, би сакале да укажеме дека овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денаротОбјавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути. Единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница –www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари.                                     

Апелираме на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации. Секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија. Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците.

Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Во повеќе наврати истакнавме дека располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Потсетуваме дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.

Граѓаните треба да бидат спокојни. Стабилноста на курсот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен!

 

Кабинет на гувернерот

 

 

loading...

 

Македонија

Свет