ЌЕ СЕ ОБРАТАТ СТОЛТЕНБЕРГ И СПАСОВСКИ: Денеска во 15 часот македонското знаме ќе се развее во седиштето на НАТО во Брисел и во централната команда во Вирџинија, САД

Објавено на 30.03.2020 во 12:46:30 часот | Македонија

Во седиштето на НАТО во Брисел денеска ќе се одржи свечената церемонија на кревање на македонското знаме покрај знамињата на останатите земји членки.

На овој настан најавени се присуствата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, првиот човек на Воениот комитет на Алијансата, Маршал Стјуарт Пич и Зоран Тодоров како претставник на Делегацијата на Северна Македонија во НАТО.

Поради коронавирусот не е предвидено присуство на медиуми, но настанот Алијансата ќе го пренесува во живо преку сателит и веб-страницата на НАТО.

Патралелно, церемонија на кревање на нашето државно знаме ќе се одржи и во седиштето на НАТО командата во Норфолк, како и во главната команда во Монс.

Северна Македонија од петокот (27 март) и официјално е членка на Алијансата откако тогаш САД го примија инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатлантскиот договор.

Од владата соопштија:

Свечена церемонија на кревање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, и обраќање на премиерот Спасовски

Почитувани,
Република Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО.

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено ќе бидат подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД.

На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, во 15:00 часот по средноевропско време, ќе присуствуваат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.

Македонското знаме истовремено ќе биде подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ќе ја следи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, после што ќе има свое кусо обраќање.

Инаку, формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.

Линковите на кои ќе може да ја проследите церемонијата заедно со кусото обраќање на премиерот Спасовски ќе ви ги испратиме дополнително. 

 

 

loading...

 

Македонија

Свет