Димитров за лажните вести: Денот кога САД го ратификуваше Протоколот за Македонија, на социјалните мрежи имаше разни небулози околу 5Г мрежата

Објавено на 09.04.2020 во 21:04:02 часот | Македонија

НАТО преку својот механизам за помош на некој начин има улога на координативен центар меѓу барањата и потребите на земјите членки во справувањето со Ковид-19 и тие што можат да овозможат помош, преку мехнизмот овозможуваат, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој во емисијата Утрински брифинг на „Слободна ТВ“.

Тој потсети дека првата помош за земјава во таа смисла пристигнала од Норвешка, механичките респиратори, а денеска попладне во Скопје ќе слета турски авион со помош оттаму.

-Претходно Унгарија, Словенија, САД, Холандија дадоа помош во здравствениот систем. ЕУ излезе со пакет од 400 милиони евра за Западен Балкан, околу 70 милиони за нашата држава, за економските последици, изјави Димитров.

Димитров изрази задоволство затоа што 20 години е дел од патот кон Алијансата, а сега прв пат разговарал со останатите 29 колеги, не за македонската кандидатура туку за други светски проблеми. Солидарноста, односно борбата против вирусот Ковид 19 е еден од тие глобални проблеми.

Министрите во рамките на НАТО зборувале и за борбата против лажните вести, а Димитров побара будност и внимателност од граѓаните бидејќи во вонредна состојба, плодно е тлото за ширење на лажни вести.

-Литванија понуди конкретна помош, една од државите кои има искуство при справувањето со лажните вести…не е едноставно справувањето со овој феномен, бара будност и внимателност кај граѓаните, институциите, новинарите. Не се што ќе прочитаме е точно, мора да се препровери особено во ваква една вонредна состојба кога е плодно тлото за лажни вести. На пример денот кога САД го ратификуваше Протоколот за Северна Македонија, на социјалните мрежи имаше разни небулози околу 5Г мрежата, некаков обид да се покрие убава вест, посочи министерот.

Тој соопшти дека иницирал заедничко писмо со министрите за надворешни работи од регионот, Западен Балкан да биде изземен од посебниот режим за извоз на заштитни маски и скафандери.

-Никој не знае колку точно ќе трае пандемијата и мислам дека со тек на време ќе се зголеми и солидарноста. Овој вирус не можеме да го стопираме во една држава и така да го прекинеме. Ќе мораме како регион, континент и човештво да си помагаме за да ставиме точка на оваа вонредна состојба. Ги зајакнуваме домашните капацитети за заштитни маски. Ако ги задоволиме нашите потреби, зошто да не помогнеме и надвор, изјави министерот.

Билатералните односи со соседна Бугарија, односно развивање на пријателството и оттргнување на сите идентитетски предизвици, ќе бидат последниот процес од затворањето на македонското прашање, смета министерот за надворешни работи. Тој потенцираше дека НАТО и ЕУ се двата големи меѓународни субјекти кои помагаат во тоа.

-Последниот процес од затворање на македонското прашање ќе бидат билатералните односи и развивање на пријателството со Бугарија, на начин да ни ги тргне сите идентитетски предизвици. Процесот почна со Договорот за добрососедство и од наша и од нивна перспектива мора да се почитуваме вредностите на другиот. НАТО членството вели дека ќе има држава на оваа територија, а почетокот на ЕУ ќе ни помогне да си ја средиме куќата дома и со средување на односите со Бугарија, ќе завршиме суштинска и историска мисија, рече Димитров.

МНР заклучно со вчера има посредувано при враќањето на 2.479 граѓани, а в петок ќе се враќаат граѓани од Франција и Белгија, а преку Бугарија уште 35 Македонци од Абу Даби.

-Темпото на оваа операција мора да биде сразмерно со капациетот на државниот карантин. Нема да престанеме со овие напори, приоритетно беше да се помогне на луѓето во најочајна состојба. Ќе продолжиме да ги користиме транзитните рути преку Грција и Бугарија. Имаме многу студенти во Турција. Дел се со решена ситуација, дел не се и имаме операција, ги евидентираме и со тек на време гледаме да видиме кој сака да се врати во државата. Ниту една земја нема вакво искуство, секое министерство за надворешни се соочува со нешто што претходно не се случувало. Се прават организации, си помагаме, потенцираше Димитров.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет