ДЕМАНТ ОД ВЛАДАТА ОТКАКО ЈАВНОСТА ЗОВРЕ ПОРАДИ ЛАЖНА ВЕСТ: Не е точно дека Владата изгласала Уредба за помош на МПЦ и ИВЗ, се спроведува исклучиво постара одлука за поддршка за реализација на студиските програми на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки за 2020 година

Објавено на 10.04.2020 во 15:37:03 часот | Македонија

 
Владата на Република Северна Македонија категорично демантира дека е донесена Уредба со која финансиски ќе се помагаат МПЦ и ИВЗ, како што објавија некои медиуми, која како дезинформација се шири и на социјалните мрежи.

Вистината е дека Владата на својата 38-ма седница донесе одлука за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” - Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година.

Средствата определени со оваа одлука се исклучиво за реализирање на студиските програми на овие три институции, и тоа согласно претходна одлука на Владата од 9-тата седница одржана на 16.02.2020 година, со цел да се обезбеди редовното и непречено функционирање на студиските програми за 2020 година (https://vlada.mk/node/20260), а не за финансиска помош за МПЦ и ИВЗ како што пренесуваат медиумите. 

Одлуката за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” - Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година, е донесена врз основа на Законот за високото образование донесен во 2008 со кој овие институции се стекнаа со статус на приватно-јавни непрофитни високообразовни установи.

Согласно овој Закон, средствата за финансирање на дејноста на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, се обезбедуваат покрај од средствата на основачите и од Буџетот на Република Северна  Македонија, како и од други извори определени со закон.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет