НОВ СКАНДАЛ ВО ВМРО ДПМНЕ: Мијалков го финансирал митингот на ВМРО пред 2 години, но го нема во листата на донатори

Објавено на 01.07.2020 во 19:45:24 часот | Македонија

*реклама ----------------------------------------------------------------------------------------------------

 

 

 

 

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------

 
Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков дал вкупно 10.000 евра за митингот на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година, што беше првиот поголем собир во организација на опозициската партија откако Христијан Мицкоски го замени Никола Груевски на лидерската позиција, покажува една од снимките објавени на интернет.

„Сашо (Мијалков) никогаш не доаѓал во партија, скршен од мака. Сашо даде двапати по 5.000 евра за автобусите за митингот на втори јуни. Тоа е донација од Сашо“, вели Мицкоски во разговор со Зоран Милески – Кичеец, првостепено осуден во случајот „Рекет“.

Колку за потсетување, овој протестен собир под паролата „Македонија ќе победи“ се одржа пред две години на 2 јуни, со најава дека СДСМ една година откако формирала влада во 2017 година не успеала да ја оправда довербата од граѓаните и да испорача резултати.

Истовремено, тоа е период кога владата на Зоран Заев веќе води сериозни преговори со Грција за надминување на спорот за името, а Мицкоски и неговиот нов тим се уште се етаблираат во рамки на ДПМНЕ, но и на политичката сцена.

-Во политиката влегов со чист образ и зошто ми е важна Македонија, на Македонија и треба нова генерација политичари и реформиран СДСМ, и таму има квалитетни луѓе кои не се согласуваат со овие политики. Мора да се порази Заев – рече Мицкоски на собирот, барајќи предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори во 2019 година според пржински модел.

Еден ден после овој антивладин митинг, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Конески, кој секогаш важел за бизок пријател на Мијалков, на неговиот фејсбук профил објави две фотографии, направени ноќта претходно во еден ноќен клуб во центарот на Скопје.

Имено, на едната фотографија Конески е заедно со Мијалков и поранешниот шеф на кабинет на Груевски – Мартин Протуѓер, додека на другата фотографија е со Мицкоски и актуелниот секретар за меѓународна соработка на ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој е втор на пратеничката листа на ДПМНЕ во првата изборна единица.

Дотогаш се уште не се нарушени внатрепартиските односи во ВМРО-ДПМНЕ, особено на релација Мицкоски-Мијалков, што впрочем се потврдува и со информациите дека Мијалков ги покрил сите трошоци за првиот народен собир што му даде легитимитет на Мицкоски како нов лидер.

Како што во неколку наврати пишува неделникот Фокус, Мијалков од далечната 1993 година ја поседува компанијата „Макпоинт“ (на едно од судските рочишта тој истакна дека моментално е вработен во оваа компанија), која, пак, во 2017 година ја основа компанијата за товарен патен транспорт „Поинт Оил Транспорт“.

Откако тој се повлече од директорската позиција во Управата за безбедност и контраразузвање во 2015 година, неговиот син Јордан Мијалков пак ја формира компанијата „Бест Веј Инвестмент“, која во меѓувреме стана (ко)сопственик на нафтената компанија „ОМ Петрол“, на друштвото за игри на среќа „Макс Бет“, на хотелот „Мериот“ преку „Дивелоп Груп“…

Воедно, „Бест Веј Инвестмент“ во 2017 година стана единствен сопственик на компанија „Софија Градба“, формирана во 2011 година. На тој начин, преку „Софија Градфа“, Мијалкови автоматски стануваат дел од сопствеништвото на „Жито Полог“ – Тетово, ЗК „Пелагонија“, „Здравје Радово“…

Оттука, Мијалков би можел да ја реализира донацијата за митингот во 2018 година лично или преку некоја од компаниите каде тој или неговиот син имаат целосна или делумна сопственост, меѓутоа таков податок не може да се најде во извештајот на донатори за партијата во споменатата 2018 година.

Според овој извештај, во текот на 2018 година партијата собрала донации во вкупна вредност од 901.380 илјади денари, при што како најголем донатор е наведена компанијата „Бас Тути Фрути“ со донација од 610.000 денари или околу 10.000 евра.

Побаравме коментар од Мијалков во однос на делот од снимката каде Мицкоски вели дека донирал 10.000 евра за митингот во 2018 година, но се уште не сме добиле одговор.

Како што е познато, неколку месеци подоцна, односно после гласањето во парламентот за промена на Уставот согласно Преспанскиот договор, Мијалков беше исклучен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ откако беше обвинет за соработка со власта.

-Заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање на група за притисоци, уцени закани и поткуп на пратеници на ДПМНЕ и коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, користејки најниски методи, ЦК го разреши потпретседателот Митко Јанчев, членот на ИК Костадин Богданов. ЦК заради истите причини побара матичните комитети да покренат дисциплинска постапка и да ги исклучат Сашо Мијалков и Никола Тодоров – рече тогаш партискиот потпретседател Александар Николоски.

После тоа, Мијалков упати две отворени писма до Мицкоски, во кои го обвинува дека е лицемерен и лажен патриот, а воедно го праша како се случило да биде тргнат од предистражната постапка во предметот „Талир“ и како успеал да стекне уддел во хидроцентрали како универзитетски професор?

„Зошто Христијане во партијата на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говореше едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло ја прекина комуникацијата со мене и по трет пат заради лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата“, го праша Мијалков Мицкоски.

Тогаш, лидерот на ДПМНЕ одлучи да не реагира во однос на писмата на Мијалков. Но, во друга снимка објавена деновиве од истиот разговор со Кичеец тој вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ доживее лош резултат на претседателските избори во април/мај 2019 година сам ќе се повлече, посочувајќи дека во таква ситуација нема да има потреба никој да му организира преврат.

„После 21 април многу работи поинакви ќе бидат… Сашо си планирал едно ама друго искочи“, вели Мицкоски.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет