ПРАВДАТА ГО СТИГНА ЧОВЕКОТ КОЈ ЈА ПОСРАМОТИ СРБИЈА И ЈА ЗАВИ БОСНА ВО ЦРНО – Ратко Младиќ осуден на доживотен затвор

Петчлениот Жалбен совет на Хашкиот Трибунал ја потврди денеска првостепената пресуда против воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во ноември 2017 година, виновен за најсериозните воени злосторства за време на војната во БиХ, вклучително и геноцидот во Сребреница.

По 26 години завршува последното судење за геноцид на територијата на БиХ пред судот на Обединетите нации за поранешна Југославија.

Младиќ се наоѓа во притвор во Шевенинген од 31 мај 2011 година. Тој беше уапсен од српските власти на 26 мај истата година во Лазарево кај Зрењанин и беше испорачан на Трибуналот.

Судењето на генералот Младиќ траеше од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година. Во текот на 530 работни дена беа сослушани 169 сведоци на обвинителството и 208 сведоци на одбраната. Писмените изјави на уште 214 сведоци беа исто така признати како докази. Прифатени беа 9.914 доказни предмети.

Хашкиот трибунал го обвини генералот Младиќ за првпат на 25 јули 1995 година, а обвинението беше изменето неколкупати до 2011 година.

Неговите две најголеми злодела беа опсадата на Сараево која траеше речиси 5 години и во која беа убиени над 1000 деца со тешко бомбардирање од ридовите околу Сараево каде беше сместена тешката артилерија на војската на Република Српска со која командуваше тој. Еве дел од таква наредба каде е снимен како наредува да се убиваат цивили во Сараево: