Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека поднел оставка од функцијата претседател. Тој по поднесувањето на обвинението од Специјалниот суд рече дека во Хаг не може да оди како претседател на Косово.
Тачи на граѓаните им порача да се зачува единството и разумноста.
„Ние мора да ја одржиме довербата во внатрешниот дијалог. Затоа, како што ветив, нема да дозволам да се појавам пред судот како претседател, затоа, за да го заштитам интегритетот на државата Косово, денес поднесувам оставка“ рече Тачи.
Тој исто така изјави дека соработува со правдата и верува во вистината и иднината на Косово. Во своето обраќање ги замоли граѓаните да не губат надеж и нагласи дека чистотата на војната во ОВК ќе биде докажана.
„Горд сум што бев член на ОВК и горд сум што заедно со меѓународната заедница се боревме против режимот на Милошевиќ и горд сум што ја освоивме слободата. Затоа, ниту едно тврдење не може да се смени. Косово беше жртва, а Србија агресор“ рече Тачи.
Вчера и лидерот на ПДК, Кадри Весели, објави дека добил потврда за обвинението. како осомничен за воени злосторства.
Косовската полиција во моментов се наоѓа во близина на канцелариите на ЕУЛЕКС каде наскоро се очекува да пристигне шефот на парламентарната група на Самоопределување, Реџеп Селими.
Обвинението од десет точки тврди дека тие се обвинети за „неколку злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, присилно исчезнување, прогонства и тортура“
Според обвинението Хашим Тачи, Кадри Весели и други осомничени се кривично одговорни за скоро 100 убиства.