Првиот човечки инстинкт кога некој ќе ти наштети е да му вратиш. Иако си свесен дека пак ќе имаш штета, но сакаш да го казниш за тоа што ти направил неправда.
Но паметните не ги слушаат своите животински детски инстинкти, зрелите совесни индивидуи сепак се воздржуваат од акција – реакција и чекаат да дојде поволен момент неправдата или да се исправи или пак саканата цел да се достигне на поинаков начин.
Така и со Бугарија, ние сега можеме да го протераме амбасадорот, да ја затвориме границата, да направиме бојкот на нивните производи, да почнеме црна кампања со се на список кон нив… Можеме така до недоглед, но пак ќе биде тоа на наша штета, нашите фирми ќе страдаат, нашите амбиции кон ЕУ ќе страдаат, ќе бидат казнети во Бугарија и оние кои се наши пријатели но сега биле надгласани, ќе се отвори вечен проблем од кој никој нема да има корист…
Затоа е паметно да ја издржиме машки оваа неправда, затоа што сепак голема е веројатноста дека и ние имаме некоја вина за ова недоразбирање колку и да е постапката на Бугарија сулуда и неправедна.
Да продолжиме да преговараме, да видиме што може ние да отстапиме, да бараме помош од светската заедница, да останеме сепак пријатели со Бугарија со став дека и пријателите знаат некогаш да ја усерат работата и тоа колосално, епски.
Заслужува Бугарија втора шанса, немаме друг избор, секое друго решение е погубно за сите, а не смееме да бидеме глупи, само разумот и интелигенцијата ни се адут, ништо друго немаме, ниту море, ниту нафта, ниту злато ниту дијаманти ниту шума за извоз, сиромашна земја сме со ограничени ресурси приклештени од сите страни и единствено што можеме е да бидеме умни итри и да не работиме на своја штета.
Затоа, горе главата, ќе има подобри денови, ќе ја издржиме и оваа неправда, трнлив е нашиот пат, затоа толку им се радуваме на сите успеси, ништо не сме постигнале лесно, ништо не ни е дадено на тацна, за се сме пролеале и пот и крв и солзи…