Рене Реџепи, син на сиромашен македонски Албанец од тетовско Џепчиште, успеа да ги убеди луѓето дека нема лоша храна и дека сѐ може да се претвори во вкусно јадење. Тој е инспирација за многу готвачи ширум светот, пред неколку недели ја доби третата Мишелин ѕвезда, а деновиве, неговиот ресторан „Нома“ повторно се најде на врвот од листата на 50 најдобри ресторани во светот.
Имено, Нома беше прогласен за најдобар ресторан во светот во 2010, 2011, 2012 и 2014 година. Ги затвори вратите во 2016 година и две години подоцна се пресели на нова адреса. Оттогаш, ги воодушевува гостите со специјални менија што се прилагодуваат на сезоната и на достапните намирници.
Реџепи e роден на 16 декември 1977 година во Копенхаген во семејство во кое немало пари за фрлање. Мајката со данско потекло била чистачка, а таткото Албанец кој дошол во Данска од македонското село Џепчиште се занимавал со класични имигрантски работи – возел такси и автобус и работел на пазарот. Рене и неговиот брат доставувале весници како момчиња за да придонесат за оскудниот семеен буџет.
Рене дел од детството поминал во рурална Македонија, каде што оброците се готвеле три пати на ден.