“Јас уште не се нарекувам уметник, треба да помине барем век, два, историјата да го проџвака делото па да се види дали сум уметник“, зборуваше Моро Масин во неколку интервјуа по повод големата ретроспективна изложба во Даут Пашиниот амам во Скопје.
Во тие изјави јас ја прочитав неговата уметничка филозофија која историската валоризација на уметноста ја става над сите актуелни субјективности.
Таквата дистанца од субјективноста е ретка и достојна за висока почит.
Ме заинтригира и затоа што таквиот поглед од некаде ми беше познат.И во еден момент се сетив: Сузан Сонтаг. Во нејзините дневнички белешки, 1965 во Авињон ја почнува со становишта кои се идентични со овие на Масин.
“Уметноста е голема состојба на минатото во сегашноста. Да се стане “минато” значи да се стане “уметност”.
Уметничките дела имаат одреден патос.
Делата станувааат уметност- тие самите не се уметност, односно стануваат уметност кога се дел од минатото.
Ја асимилираме сегашноста во минато.”
Не знам дали Масин ја читал Сонтаг, но не мислам дека го позајмил нејзиниот поглед, туку дека со исти напори на мислата, на ист или сличен начин, на различни краеви на светот и во различно време, независно еден од друг, дошле до ист поглед на длабочина на творештвото кое мора да ја чека историјата, да чека да стане минато за да го добиеме конечниот одговор на прашањето за неговата вистинска вредност.
Поздрав до господинот Масин и честитки за возбудливата изложба.