Годинава скопјани ќе мора да се снабдат со средства за заштита од комарци, затоа што Град Скопје речиси на средината на мај нема никакво известување дали и кога ќе се прска против овие инсекти. Топлото и влажно време погодува за размножување на комарците, а граѓаните веќе се жалат дека не можат да престојуваат на отворено и ја повикувааат градоначалничката да си ја спроведе обврската за заштита на јавното здравје.
Комарците не само што се здодевни и нивното каснување предизвикува непријатно чешање, туку се и преносители на сериозни болести.
Што чекаат од Град Скопје годинава стварно не е јасно. Досега требаше веќе да е испрскано против ларви, а тие задоцнија, па сега сме оставени сами да се справуваме со комарците. Не се излегува на балкон, не може човек да прошета низ парк. Веќе почнавме да купуваме средства за заштита, прскаме по дома, но пред нас е цело лето. Ваква негрижа и неодговорност од градоначалничката и од Град Скопје кон своите граѓани досега немам видено – се пожали во нашата редакција Димитар од Аеродром.
Од Град Скопје два дена не одговараат на нашите прашања кога планираат годинава да прскаат и зошто толку се доцни со дезинсекцијата. Прскањето против ларви од комарци требаше да се реализира уште пред еден месец, како што беше вообичаено во изминатите години, а што е проблемот што годинава се прескокна нема објаснување, како што нема и за многу други проблеми со кои се соочуваат граѓаните, иако градоначалничката Данела Арсовска постојано во нејзините јавни настапи вели дека работи во интерес на скопјани. Минатата година првото прскање против ларви беше извршено на 12 април.
Како што моментално стојат работите прскањето нема да се спроведе набрзо, затоа што постапката за доделување договор за јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, за 2024 година, била поништена на крајот од април. Од достапните документи на електронскиот систем за јавни набавки, може да се види дека тендерот бил распишан уште во јануари, а поништени се делови од постапката, а како причина се наведува дека не била поднесена „ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.
Набавката била објавена во три дела, првиот за авионска апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и авионска апликација на средство за уништување на ларви од комарци. Вториот дел се однесува на набавка на терестична апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и терестична апликација на средство за уништување ларви од комарци и третиот за набавка на средство за уништување на возрасни форми на комарци и средство за уништување на ларви од комарци, при што е прецизирано дека понудените средства за дезинсекција потребно е како растворувач да користат вода. Средства за дезинсекција, како што е наведено, треба да бидат наменети за ефикасно и безбедно третирање на отворени урбани и рурални површини во кои што во еден дел е опфатено и земјоделско земјиште.
Проценета вредност на договорот за јавна набавка изнесува 20.336.076 денари без ДДВ, односно околу 330 илјади евра, средства обезбедени во буџетот на Град Скопје. Од вкупната сума за авионско прскање во јавната набавка се предвидени нешто повеќе од 10 милиони денари , за прскање од земја 185 илјади денари и 9,5 милиони денари за набавка на средства за уништување возрасни комарци и средства за ларви од комарци. Кој точно од овие делови од тендерот е поништен, не е познато, како што не е познато и тоа кога Градот ќе се одважи да објасни што се случува со задолжителната дезинсекција, која треба до септември да се спроведе барем петпати.