АНАЛИЗА НА ПРИЗМА – ПЛАЌАМЕ НАЈСКАПИ ПАТАРИНИ ВО ЕВРОПА!

Еден твит што се појави деновиве повторно разгори дебата за една од вечните теми во јавноста – како се наплатуваат патарините. Според објавата што ја споделија стотици на социјалните мрежи, ако жител на Велес работи во Скопје и патува со автомобил, само за патарини годишно би дал над 58.000 денари, кога ќе се одбијат викендите и годишниот одмор. За патувањата во слободно време ќе си плати дополнително.

Тоа понатаму се споредува со годишните цени на вињетките во разни земји во Европа, кои чинат од 4.000 до 10.000 денари за неограничено возење низ целата територија. Заклучокот на коментаторите им е речиси едногласен – ова е грабеж на македонските возачи.

Темата за начинот на кој во земјава се наплатува користењето на патиштата релативно често се отвора меѓу граѓаните, во медиумите, на социјалните мрежи или кај експертската јавност. И покрај тоа, ова прашање ретко се наоѓа на политичката агенда и за него не разговараат луѓето што можат да донесат одлуки со кои би овозможиле поповолни услови за плаќање на оние што редовно патуваат.

Дека и политичарите се свесни за тоа колку патарините го оптоваруваат домашниот буџет покажуваат транскриптите од собраниските седници на кои се разговарало за оваа тема. Во зависност од тоа која партија или коалиција е во опозиција, нејзините пратеници од парламентарната говорница изнесуваат пресметки слични на твитерџиските. Но, на крајот мнозинствата ги изгласуваат одлуките, со кои, меѓу другото, се земаат заеми за да се градат патарини на нови локации.

„Единствена влада што се задолжила 14 милиони евра за патарини е македонската влада“, рече поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија на собраниска седница во јануари 2020 година, на која се расправаше за задолжувањето од 13,7 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за модернизација на патарините и за изградба на нови наплатни станици.

Неговиот колега и сопартиец од истиот пратенички состав Илија Димовски повеќепати остро ги критикуваше политиките на владата предводена од СДСМ околу патарините. Така, Димовски во јуни 2019 година, од говорницата изнесе пресметки дека граѓаните на Албанија можат цел месец во работните денови да возат по автопатот од Кукс до Тирана, 150 километри во правец, за 1.840 денари. Во Бугарија, пак, продолжи Димовски, за 940 денари месечно може да се патува меѓу Софија и Пловдив, 153 километри. Направи споредба со патувањето од 154 километри меѓу Скопје и Гевгелија, за кој, бидејќи во земјава не постојат ниту вињетки, ниту месечни билети, возачите би требало да остават 11.200 денари во месецот на наплатните рампи.

„За иста километража во Бугарија се плаќа 900 денари, а во Македонија 11.000 денари. Тие пари одат во ова претпријатие за кое денеска носиме одлука да се задолжи, да земе странски кредит за да изгради патарини“, порача Димовски.

Во поранешни времиња, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ се задолжуваше за изградба на патишта и на наплатни станици, меѓу другото и од ЕБОР, пратениците од СДСМ и нивните коалициски партии се жалеа на тоа колку „патарините ги оптоваруваат домашните буџети“. Роза Топузовска Каревска во 2010 година рече дека граѓаните се на работ на сиромаштија, патуваат само кога имаат неодложна потреба, па, покрај прескапиот бензин, треба да плаќаат и патарина

„И затоа почитувани колеги пратеници, не може на патот Велес – Скопје да се наплатува 60 денари патарина во еден правец, 120 денари во двата правци и притоа на граѓаните да не им понудиме алтернативен пат“, порача Каревска.

Без оглед на тие дискусии, мнозинствата секогаш ги изгласуваа одлуките за задолжување и за изградба на патарините.

Пресметките и на твитерџиите и на пратениците се точни. За разлика од пред една деценија, денес за патот меѓу Скопје и Велес треба да се платат 120 денари во правец, односно 240 за одење и враќање. Помножено со сите работни денови во годината, тоа дава сума од речиси 1.000 евра.

Слично е и со другите градови што се блиску до Скопје, од каде што вработени патуваат дневно до главниот град и се враќаат. Возач од Тетово би платил речиси 39.000 денари ако секој работен ден вози автомобил до Скопје и назад, од Гостивар околу 68.000, а од Куманово над 48.000.ж

Возењето до Скопје ќе им биде најскапо на штипјани, кои ќе имаат три патарини откако ќе се пуштат наплатните станици кај селата Преод и Кадрифаково, чија изградба се финансира со кредит од 14 милиони евра. Заедно со станицата во Миладиновци, возачите од овој град ќе треба да плаќаат на три места и патувањето во два правци ќе ги чини 320 денари. Тоа се над 77.000 денари годишно.

Колку за споредба, бугарска вињетка за една година возење чини нешто помалку од 4.000 денари. Според тоа, со парите што тетовецот би ги дал за една година да ги поминува 70-те километри дневно до Скопје и назад, во Бугарија би можел да се вози десет години неограничен број пати по над 800 километри автопатишта и илјадници километри регионални и локални патишта.

Ако за пример се земе Австрија, пак, годишната вињетка таму чини 109 евра, или околу 6.700 денари. Тоа значи дека австриските граѓани треба да одвојат околу 4-5 проценти од една месечна плата за да ги користат патиштата цела година, додека според пресметките во Македонија тоа чини меѓу една и пол и три плати, во зависност од појдовната локација.

За тоа кој систем е подобар, вињетките или патарините, нема единствен став ниту експертската јавност, ако се следат изјавите на професорите што се занимаваат со сообраќајна проблематика во изминативе години. За тие што често патуваат, секако е подобар вториот систем, но тие што само еднаш во годината ќе отидат со својот автомобил надвор од својот град би требало да купат неделни или месечни вињетки, кои се поскапи отколку еднократното плаќање на наплатните станици.

Освен овие две крајности, постојат и разни комбинирани системи, каде што патарините постојат, но возачите што често ги користат патиштата можат да извадат месечни или периодични билети со значителни попусти.

Кај нас поволности има само со електронските картички. Тие функционираат така што имателот става одредена сума пари, и на секое поминување низ наплатната станица му се одбива износот соодветен за таа делница, со пресметан попуст. За тие што ќе надополнат до 10.000 денари, попустот е два отсто. Па така, велешанецот од твитот тукушто заштеди околу 1.200 денари од 58-те што би ги дал ако плаќа во кеш за секојдневните работни патувања до Скопје и назад.

Според податоци од Светска банка од 2015 година, наплатата на патарини учествува со 0,5 проценти во вкупниот БДП во државата. Од вредноста на целата стопанска активност што се одвива во текот на една година – производство, услуги, работи, половина процент отпаѓа само на парите што ги даваме за да се крене рампата на автопатот.

Вкупната сума што ја собрало Јавното претпријатие за државни патишта од наплатните станици изнесува над 46 милиони евра, што е рекорден износ досега, соопшти директорот Ејуп Рустеми во неодамнешно интервју за државната агенција МИА.

Во Националната транспортна стратегија за периодот од 2018 до 2030 година се предвидува овие износи и натаму да се зголемуваат и до 30 отсто. Тоа значи дека не се размислува за промена на наплатниот систем.

Поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, а сегашен претседател на собраниската комисија за транспорт, вели дека во минатото, уште пред неговото време (беше назначен во 2015 година), јавното претпријатие за патишта правело проекции за тоа колку би било исплатлива замената на патарината со поинаков систем, но заклучоците биле дека нема доволно обем на сообраќај за да се спроведе таква мерка.

„Кога јас бев министер, бевме на ставот дека нема основа да се прават нови проекции додека целосно не се завршат коридорите 8 и 10, за да се измери тој обем на сообраќај“, рече Мисајловски за БИРН.

За целосен премин кон систем со вињетки веројатно е веќе доцна затоа што Европската Унија планира да ги укине до 2027 година. Според одлуката на Европскиот парламент од 2018 година, државите треба да го напуштат системот на периодично плаќање и да воведат плаќање според изминати километри, кое пореално ќе го одразува еколошкиот ефект од возењето.

Билјана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата на транспортери Макамтранс, вели дека досега не слушнала некој државен орган да спроведува активности за промена на наплатата за користење на патиштата. Според неа, политиката на ЕУ за плаќање според еколошки стандарди наместо според моќноста е најисправна, барем за товарните возила.

„Сега имаме една парадоксална ситуација во која понови возила со помала тежина и подобри еколошки стандарди плаќаат повеќе затоа што имаат помоќен мотор. Постарите возила плаќаат помалку затоа што се послаби, иако се потешки и прават поголем товар на патот, а и повеќе загадуваат. Тоа ја демотивира промената на возниот парк“, вели таа.

Муратовска додава дека попустот што сега го добиваат на домашните патишта со електронските картички, кој за товарните возила може да достигне седум отсто, е мал, но дека секое намалување на трошоците е значајно.