Најнапред, иако знам дека деновиве тоа не е популарно мислење, јас мислам дека ние не требаше да забрануваме или да контролираме, на било кој начин, отворање на таков културен центар, иако името и личноста-патрон се контроверзни, иако наративот е проблематичен, а постоењето на таков центар е за најголем дел од јавноста е секако неприфатливо. Така изгледа демократијата кога е тешка: да се бориме за правото, некој друг, чии тези и позиции прават крвта да ни врие, да имаат право да ги застапуваат најгласно што можат, иако ние би го поминале својот живот борејќи се против истите најгласно што можеме.
Отворањето на тој центар, е, сепак, нивна забава, а не наша, и контекстот во кој се отвора зборува за нивниот национален наратив, а не за нашиот. За нас зборува само нашето сопствено однесување, односно колку ќе бидеме возрасни во односот кон тој проблематичен центар. Во таа смисла, Македонија има повеќе искуство одошто другите земји соседи, зашто ние на потешкиот начин научивме да живееме со конфликтни наративи, уште од 2001. Со други зборови, ако сме созреале доволно за наративот за ослободителната улога на УЧК во конфликтот, кој дел од нашите албански сограѓани го сметаат за целосно легитимен, да не ни пречи, тогаш треба и за другите слични тези да развиеме здрава доза на толеранција.