Бектеши: Изгласани законските измени- сите трговци во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници, а работниците ќе добијат 100% поголема дневница

Собранието на Северна Македонија денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, објави на Фејсбук министерот за економија Крешник Бектеши.

Според министерот, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.
„Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи од почетокот на годината, а и очекувањата согласно веќе направени резервации за странски туристи кои што оваа туристичка сезона ќе ја посетат Северна Македонија, посебно Охрид и Струга, согласно законските измени очекуваме зголемување на туристичката активност во целата земја. Измените на Законот за трговија се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, посебно во туристичкиот сектор. Работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, објави министерот.

Согласно најновите измени на Законот за трговија им се дава можност на продавниците, киосците и штандовите во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, да работат во ден недела и на празници. Воедно, и на слободните царински продавници лоцирани на меѓународните аеродроми после царинските контролни точки и на цветните пазари, им се дава можност да работат во ден недела и на празници.
Овие законски измени стапуваат на сила веднаш откако ќе бидат објавени во Службен весник.

Со почит
Одделение за односи со јавност