Кога зборувате за квалитетот на образованието на пример, што покажа мерењето на квалитетот на работата на институциите бидејќи Информација за тоа беше најавена за вчерашната владина седница?
– Тоа што се покажува и во приватниот сектор, дека продуктивноста на работната сила е многу ниска. Тоа значи дека скоро во сите институции треба оптимизација на работните места, луѓето што работат да ја зголемат својата продуктивност. Тоа е брзината и квалитетот на услугите кон граѓаните.
Да си поставиме самите прашање, колку од нас се задоволни и ќе бидат помалку намуртени кога одат пред шалтер во која било институција за да добијат одредена услуга. Одговорот ќе биде скоро сите сме намуртени зашто не добиваме соодветна услуга од другата страна. Кога 90 отсто од тие што одат да побараат услуга без да се јават никаде ќе ја добијат, ќе се вратат полунамуртени, не можам да кажам дека ќе се вратат среќни, зашто секогаш аспирираме за повеќе, тогаш ќе речеме дека сме задоволни од ефикасноста на институциите. Има процес на подобрување, дигитализацијата е клучот во 21 век, кој ќе придонесе и луѓето да се поефикасни.
Но тоа ќе значи и помалку луѓе.
– Не мора да значи, зад системот мора да има секогаш луѓе, но напред нема да ги гледаш. За жал, во 30 години функционирање на државата ние сфативме една работа, дека ние сме најбитни како луѓе и дека целиот свет се врти околу нас, и сѐ зависи од нас. Не е вистина, без оглед дали во приватен или јавен сектор, секогаш треба да бидеме услужни кон другите.
Но без рационализација секогаш ќе има луѓе што работат и десет пати повеќе такви што не работат.
– Рационализацијата доаѓа со тек на време. Реков дека кога ќе имаме повеќе разум кај сите чинители, многу полесно ќе си помагаме себеси и на општеството отколку што ќе одмагаме. Рационализацијата во јавната администрација не може да се случи без одредени последици. Но ќе се случува. Јас сум поборник дека рационализација треба да се случи, а тоа што не е популарно е намалување на одреден процент на оние што се вишок. Реформите мора да се случат секаде и рационализацијата мора да биде една од точките на разговор со синдикатите со давање можност да опстане и да продолжи да живее во нашата држава. А во јавниот сектор треба да им се даде можност на тие што би требало да си отидат со наоѓање нов пат во приватниот сектор.