Во Основното јавно обвинителство поднесов кривична пријава против управителот и овластеното лице на кафе барот „Интермецо“ за отстранување на службена пломба, согласно членот 389 од Кривичниот законик.
Кафе барот „Интермецо“ претходно беше опоменуван и санкциониран, вклучително и со две глоби од по 6000 евра, како и забрана за вршење угостителска дејност во траење од 30 дена. Вработените самоиницијативно ја отстраниле пломбата на објектот и продолжиле со работа уште истиот ден, откако утрината објектот бил запечатен.
Општина Центар и јас како нејзин градоначалник нема да толерираме ничие неодговорно однесување кое ги вознемирува жителите и повторно апелирам до сите сопственици и управители на локалите на територија на општината да се придржуваат до законските одредби за дозволено ниво на бучава и гласност.