Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата никогаш не сме разработувале „План Б“, затоа што тогаш би значело дека се откажуваме од „Планот А“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали државата има „План Б“, ако во декември не започнат преговорите за членство со ЕУ.
Постои голема доза на оптимизам за решавање на проблемот со потеклото на Гоце Делчев од двете страни, вели премиерот Зоран Заев.
Како што истакна тој, револуционерот е мост помеѓу Северна Македонија и Бугарија за нивен меѓусебен добрососедски мир.
„Бугарскиот народ е позитивен кон македонскиот народ и обратно. Верувам дека Борисов сака да се најде решение, сака добро за земјите од Западен Балкан и за Северна Македонија. Јас сум вечен оптимист. Да го немаше Гоце, требаше да го измислиме за да биде мост помеѓу двете земји. Треба да изнаоѓаме заеднички решенија, за да си помагаме заедно напред“, рече Заев.
– Не сакам да разговарам за план Б, мора да успееме, нагласи Заев по извршената обиколка на претоварна станица во Скопје, каде се одложуваат стари печки и други нееколошки грејни тела.