Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска, по повод барањето на претседателот на Македонија Стево Пендаровски до Вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја признае Македонската православна црква (МПЦ), дека постои начин да се разговара за тоа и оти „попречните патишта“ не придонесуваат за добрите односи меѓу двете земји.
Како што јави допсникот на МИА од Белград, Дачиќ потсети дека неколку пати зборувал за тоа дека е можно да се разговара за односите меѓу двете земји, но дека не е можно да се зборува на државно ниво за областа на религијата и црковните заедници кои имаат свои правила.
„Ние сакаме да биде постигнат договор, но сигурно мора да ги почитуваме правилата на Православната црква, а исто така очекуваме и од Васеленскиот патријарх да биде на таа страна, како што се изјасни против создавањето на т.н. Црногорска православна црква“, изјави Дачиќ, одговарајќи на прашања на новинарите во Белград.