Денеска, со посебно задоволство најавувам уште една важна и за нас вредна донација од нашите пријатели – Европската команда на Армијата на САД, реализирана преку ИЦИТАП програмата, Меѓународна програма за поддршка во обука во доменот на кривични истраги при Владата на САД, а добиена преку Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
Оваа донација е вредна околу 475 илјади американски долари, со која Специјалните полициски единици во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ добија реновиран модерен објект за сместување на полициски службеници од нашата држава, но и од целиот регион кои учествуваат во обуки и вежби за организирана борба против недозволената трговија со наркотици.
Во свое име и во име на МВР сакам да ѝ се заблагодарам лично на амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, на нашите докажани пријатели – Владата на САД и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, кои во духот на претпразничните дарувања ни го овозможија овој современ полициски дом, а уште повеќе за нивното цврсто и доследно партнерство во процесот на реформирање и развој на полицијата, како еден од клучните сегменти во унапредувањето на националната, но и регионалната и глобалната безбедност.
Со овој проект донација од нашите партнери САД, Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, кој е и оперативен штаб на ЕБР при БЈБ, ќе има дополнителен инпут и во зголемувањето на полициската интероперабилност во регионот, бидејќи овие професионалци од повеќе земји (Албанија, Србија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција) работат заедно во борбата за сузбивање на меѓународните криминални групи инволвирани во трговијата со наркотици, што несомнено ги преминува границите на една земја и влијае врз поширокиот регион.