БРАВО МЕТАМОРФОЗИС: Само во изминатите 6 недели од почетокот на војната во Украина, Вистиномер веќе има објавено речиси 50 дебанкирања на најразлични дезинформации поврзани со оружениот судир

2. Април – Меѓународниот ден на проверката на факти се одбележува преку напори да се фрли светло врз војната во Украина

За првпат во историјата на човековото војување, војната во Украина се одвива под будното око на организирана меѓународна заедница на проверувачи на факти, чија главна мисија е овојпат вистината да не биде првата жртва во моментот кога ќе почнат да летаат куршумите

И оваа година глобалната заедница на проверувачите на факти, собрана во рамките на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN), во која веќе членуваат организации од над 100 земји ширум светот, го одбележува 2. Април – Меѓународниот ден за проверка на факти.

Но, за разлика од сите претходни години, овојпат одбележувањето се одвива во сенка на војната во Украина, најголемиот воен судир на европско тло од Втората светска војна, кој во своето шестнеделно траење одзеде илјадници животи на двете страни и расели над 4 милиони жители на Украина.

За оваа војна се вели дека е медиумски најмногу покриена досега, во што, се разбира, главна улога има подемот на социјалните мрежи, но, од друга страна, пак, таа се води и под будното око на раширена мрежа на проверувачи на факти од Украина, од европскиот континент и ширум светот.

Речиси паралалено со почетокот на воените дејствија, проверувачите на факти се организираа и преку иницијативата #UkraineFacts од едно место ги направија достапни своите истражувања и анализи, овозможувајќи ѝ на меѓународната јавност брзо и едноставно да биде информирана за тоа кои се дезинформациите што кружат во медиумите, на социјалните мрежи, обидувајќи се, барем донекаде, да ја разретчи „маглата на војната“, која отсекогаш се насобира веднаш штом оружјето го зема приматот пред политиката во односите меѓу државите.

Проверувачите на факти, при создавањето на #UkraineFacts, го искористија претходно стекнатото искуство при почетокот на ковид пандемијата, кога беше стартувана иницијативата #CoronaVirusFactsAlliance,преку која ја информираа меѓународната јавност за бројните дезинформации, сѐ со цел да го заштитат јавното здравје и во своите земји, но и на глобално ниво и тоа особено во првите недели и месеци од пандемијата, кога дезинформациите наголемо ширеа страв, паника, несигурност, гнев, но и опасни лаги, кои понекогаш чинеа и човечки животи.

Вистиномер, како член на IFCN, заедно со своите сестрински медиуми во издание на Фондацијата Метаморфозис – агенцијата Мета и порталот Порталб (кој деновиве прослави 10 години од своeтo постоење), полноправно учествува во сите овие меѓународни иницијативи, упорно работејќи на промоција на фактите, раскринкување на дезинформациите, разобличување на теориите на заговор и расветлување на измамите и кај медиумите и на социјалните мрежи. Само во изминатите 6 недели од почетокот на војната во Украина, Вистиномер веќе има објавено речиси 50 дебанкирања на најразлични дезинформации поврзани со оружениот судир.

Во текот на идната недела проверувачите на факти од Фондацијата Метаморфозис на социјалните мрежи, преку свои лични видео записи, ќе го одбележат 2. Април. На глобално ниво можете да се вклучите во интернет панелите на IFCN, кои ќе се одржат, исто така, следната недела и на кои ќе се дискутира на најразлични теми од интерес на проверувачите на факти преку регистрација овде.

#FactCheckingIsEssential #UkraineFacts #CoronaVirusFactsAlliance