Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи во заминување, во рекапитуларот за 2021 истакнува дека во текот на годината што била измината била запленета дрога во вредност од 15 милиони евра.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61%; со биланс од седум сузбиени организирани криминални групи, со пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, а тука би ја додал и заплената на 1.555.600 таблети псеудоефедринво вкупна количина од 1 тон и 15 килограми, од кој употребен како прекурсор би се произвеле околу 700 килограми синтетичка дрога, метамфетамин, кој на црниот европски пазар за споменатата количина може да достигне вредност од 10 милиони евра“, вели Спасовски во предновогодишното обраќање.
Тој додава дека е забележано зголемување за 23,4 отсто на откриените кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје на годишно ниво и повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства.
Зголемена е откривачката дејност за 58,3 процент во делот на корупцијата за разлика од претходната година; со тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи.
„За претстојните празници ми останува да потсетам да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските. Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера“, порачува министерот.