Град Скопје на денешната седница на Советот како точка ги стави измените на одлуките за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање.
– За изградба на нов забавен парк, Град Скопје на почетокот на 2020 година донесе одлука за земање заем наменет за негова изградба. Но, поради новонастаната состојба поврзана со коронавирусот, оваа одлука се укина и средствата за задолжување се пренаменија за изградба и реконструкција на сообраќајници во Град Скопје. Со новите две измени на одлуките се предвидува фазно продолжување на реализацијата на овој капитален проект, каде што финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од Буџетот на Градот Скопје за 2021, 2022 и 2023 година, информираат од Град Скопје.
Со тоа изградбата во 2021 на забавниот парк на местото на стариот лун-парк треба да продолжи откако лани неговата изградба беше стопирана бидејќи парите од кредитот беа пренаменети за улици и патишта.