Оваа Влада и овој тим од локалната самоуправа покажа храброст и истрајност за отпочнување со изградбата на најкомплексниот објект за Штип.
Затекнавме само идеја, недовршен проект и заеднички за кратко време успеавме да започнеме она за што преку четириесет па и повеќе години го бараат штипјани.
И сето тоа за нецел мандат. Значи можело. Можело да се работи во интерес на граѓаните и на регионот.
Рековме не за споменци, не за барок и лавови, ветивме дека ќе градиме инфраструктура за граѓаните.
Проценетата инвестициона вредност за изградба изнесува 460 милиони денари или 7,5 милиони евра. Средствата за изградба се обезбедени од Буџетот на Министерството за транспорт и врски.
Рокот за изградба е планиран да изнесува 30 календарски месеци.
Со проектот е предвидена да се изгради брана со висина од 34 метри.
Преградното место за браната Отиња е во непосредна близина на градот. Таа пред се ќе биде наменета технолошка вода за потребите во градот, заштита од поплави, во втора фаза и производство на електрична енергија.
Тоа ќе биде место и за рекреација на штипјани, но и други граѓани од државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении. Всушност градот ќе добие нова реалност.
Со изградбата на оваа брана ја исполнуваме децениската желба на штипјани од 70тите и 80 тите 90 тите, па и од почетокот на овој век, во овие изминати 15-20 години.
Затоа благодарам на сите кои беа вклуени во постапките и во изработката на документацијата. Благодарам за поддшката на Преседателот на Владата Зоран Заев, поранешниот министер за транспорт и врски Сугаревски, и поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, на професорите од Градежен факултет и експертите од ГИМ и ИЗИИС, на нашите вработени во Општината и министерството за транспорт и врски, Јп Стипион и сите останати.
Почитувани граѓани, посакувам да имаме успешна постапка за избор на силен изведувач кој брзо ќе го изгради овој објект.
Нека е со среќа, за денешните и за идните генерации.
