Делчево е гордо на сите хумани луѓе. Но, кога се зборува за крводарителите, тогаш должни сме да им оддадеме почит и достоинствено да се поклониме пред нивната хуманост, бидејќи со самото дарување крв, се изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност.
Секоја нивна подадена рака и дарувана крв, значи спасен човечки живот. Делчево брои околу 300 активни крводарители, бројка која несомнемо мотивира, а со фактот дека минатата година има остварување на планот на собрани крвни едници и тоа од 141% , докажува на кое ниво е доброволното дарување крв во нашата општина.
За нивната хуманост, како градоначалник, изразувам благодарност до сите крводарители, посебно до Зоран Глигоров за сто пати дарувана крв, Влатко Димитровски за 75 –пати дарувана крв, за Горан Пановски, Ванчо Миленски, Илчо Дончевски,Борче Стојковски кои 50 пари дарувале крв, но и на сите кои дарувале крв и по 25 пати и 10-пати.
Во оваа прилика посебно ќе ги споменам женските крводарители кои иако претставуваат 10% од вкупниот број крводарители, сепак, воведуваат нова традиција на крводарување во Делчево и покажуваат дека донирање крв не е само „машка работа“: Маја Стоименовска, Катерина Жежовска, Марија Мирчевска и Тања Цековска кои 10 пати дарувале крв.
За сите нив Општина Делчево обезбедни скромни награди во знак на благодарност за нивната хуманост и солидарност.
Воедно, во оваа прилика им го честитам Денот на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителите, 17 Март. Ова е ден кој го одбележува постоењето, дејствувањето, а воедно и успехот на сите волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти кои овозможија оваа организација да опстојува толку време низ годините.