Заедно со министерот Терзијски, сопретседаваме на утрешниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата Берлински процес, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија.
Имено, за првпат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес, годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на ЕУ и на земја од регионот од Западен Балкан, што се перцепира како симбол за преземање на поголемо сопствеништво врз процесот од страна на регионот. Инаку, Берлинскиот процес, промовиран во 2014 како иницијатива на германската влада, е единствен процес на највисоко политичко ниво кој исклучиво се фокусира на шесте земји од Западниот Балкан, кои не се членки на ЕУ и претставува поттик во подготвувањето на овие земји за идното членство во ЕУ, преку справување со некои од клучните структурни проблеми во регионот.
На работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Христо Терзијски, разговаравме на повеќе теми од заеднички интерес во областа на безбедноста, како и за утрешниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата Берлински процес.
Покрај одличната соработка меѓу двете министерства и полициските служби, особено во делот на граничното работење, би го посочил Заедничкиот контакт центар што повеќе години наназад функционира одлично меѓу граничните и царинските служби на двете земји и кој претставува извонреден позитивен пример за партнерство, но би потенцирал дека размената на информации редовно се врши и преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, Интерпол, а истата е овозможена и преку членување во меѓународните организации и иницијативи.