Односите меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати можат да се оценат како одлични. Имаме потенцијал за соработка од политички, од економски, од социјален, од културен, од сите аспекти и препорака е тоа да се интензивира. Парламентите се ослободени од премногу процедури и затоа е полесно да се воспостави таа парламентарна соработка и да отвори пат за другите институции, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на ОАЕ.
Оваа посета, додава тој, се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетите Арапски Емирати, но за жал во овој период не e дадено на значење на соработката на највисоко ниво меѓу двете држави, иако односите можат да се оценат како одлични.
Мојата посета е прва на ова ниво на парламенти и мислам дека ова е отворање на патот на другите институции и да разменат соодветни посети, рече Џафери.
Од комуникацијата со Парламентот, како што нагласи, разликата е огромна по начинот на функционирање на институцијата и по начинот како се станува член на Федералниот национален совет на ОАЕ.
За разлика од кај нас, овде општествениот живот не е организиран со политички партии, туку од 1981 година кога се обединиле седумте емирати се одлучиле на беспартиски систем на функционирање. Од 40-те пратеници, 20 се бираат на слободни избори, додека 20 се определуваат од емирите, 50 отсто се жени, 50 отсто се мажи. Парламентарната сесија почнува со седумте емири, кои ја отвораат годишната сесија и започнува функционирањето на Парламентот, вели Џафери.
„Овде живеат преку 200 етнички заедници и сите живеат во хармонија и ги имаат своите права. Имаат доста ресурси кои ги користат, а младите кои отишле надвор да се школуваат ги вратиле назад и ги ставиле во функција на државните институции и економските капацитети“, додаде Џафери.
Претседателот на Собранието вели дека претставници на нашата извршна власт, односно Владата, треба да соработуваат со овдешните претставници и да разменат искуства со нив.
Без оглед на начинот на организација на работа на парламентите, тие имаат многу основи по кои можат да работат, и по групите за пријателство и по соодветните комисии кои ги формираат. Парламентите можат да соработуваат билатерално, можат да соработуваат мултилатерлано. Впрочем, во Мадрид ќе имаме прилика да се видиме и мултилатерално, па таму ако имаме потреба од взаемна поддршка за нашето членување во Интерпарламентарната унија, таму каде што има потреба за поддршка можеме да соработуваме и да размениме поддршка со соодветната институција, рече Џафери.
Инаку, Џафери денеска во Дубаи го посети Павилјонот на Република Северна Македонија на „Експо 2020“, простор каде се претставени уникатните убавини и обележја на нашата земја и којшто од 1 октомври кога беше отворен досега го посетиле околу 50.000 посетители. Во периодот од 1 октомври 2021 година до 31 март 2022 година, Република Северна Македонија е претставена на „Експо 2020“ со слоганот „Дом на секој чекор”, а под мотото „Нови можности”.
„Мислам дека соодветно е претставена нашата особеност како држава. Имаме можност да се претставиме на светско ниво имајќи предвид што преку 190 држави се претставени на Дубаи Експо, добра работа е направена со присуството овде и со оваа пракса треба да се продолжи“, рече Џафери.