Во интервјуто за Бугарското национално радио, професорот по културна антропологија Ивајло Дичев бара од новите бугарски власти да покажат лидерство и да ги истрпат ударите на псевдонационалистите, а влијателните јавни личности да се охрабрат и да признаат дека во односите со Македонија е направена голема глупост. Тој смета дека не смее да се повтори грешката како со обидите за асимилација на Турците од Бугарија бидејќи во спорот со Македонија не се работи за историски факти, туку за идентитетско прашање
Универзитетскиот професор од Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Ивајло Дичев, смета дека основна задача на новата бугарска влада е да излезе од актуелниот ќор-сокак и да изнајде пат за прагматично решение за спорот со Македонија. Вели дека целта на новата политика треба да биде зближување и соработка со соседите, со која преку нивната интеграција во Европската Унија ќе се оствари вековната мечта на предците кои го положиле својот живот за сите земји, сите народи од овој регион да живеат во една заедничка држава.
Тоа ќе бара лидерство. Тоа ќе бара некој да покаже смелост и да ги прими ударите на псевдонационалистите. Тој треба да направи калкулација и да утврди што е поважно – да имаме железничка линија, да имаме културна размена, да имаме бизнис-врски или е поважно етничкото потекло на Гоце Делчев. Мислам дека е јасно што е поважно. Оттаму ме чуди што нема многу луѓе што би се охрабриле и би излегле пред јавноста и би кажале – ‘направивме глупост, ајде брзо да ја смениме таа политика, да ја смениме насоката’. Јас лично смета дека направивме огромна глупост со Македонија. Треба да си ја повратиме нашата улога во Европа, да се утврдиме како лидери на проширувањето на Балканот, зашто тоа е во наш интерес. Никој нас не нè притиска, тоа е глупост која се повторува. Тоа е само наш интерес“,вели Дичев во своето интервју за Бугарското национално радио.
Професор Дичев потсетува на живоковистичкиот обид со операцијата „повторно раѓање“ да се асимилираат Турците кои живеат во Бугарија, наводно не под притисок, туку доброволно, со објаснување дека тие самите си ги нашле своите бугарски корени.
„Резултатот од тоа беше катастрофален. Ги теравме да ги сменат имињата и да станат Бугари. Искрено се надевам дека таа грешка нема да ја повториме. Во случајот со Македонија не се работи за историски факти, туку за идентитетско прашање. Тоа донекаде се базира на историјата, но тоа се базира и на литературата, митологијата, филмот и низ многу други нешта. Идентитетот е живот, живеење, а не факти. Не може еден историчар да отиде таму и да им каже, сега вие сте Бугари или сега бидете Бугари. Тоа не може да се случи. Напротив, со нив треба да се зближиме, да соработуваме, да имаме културна размена и сето тоа како можност да ја прескокнеме бездната која е меѓу нас, а со која бевме разделени на почетокот на 20 век“,смета професор Дичев.