Дваесет и седум членки на ЕУ вечерва им доделија кандидатски статус на Украина и на Молдавија, објави во Брисел претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, нарекувајќи ја одлуката „историски момент” во екот на руската агресија.
„Договор. Европскиот совет штотуку донесе одлука за доделување статус кандидат за ЕУ на Украина и Молдавија. Историски момент”, напиша претседателот на Европскиот совет на Твитер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „единствен и историски момент во билатералните односи”.
Одлуката официјално на Украина и Молдавија да им се додели статус на земја кандидат за членство во ЕУ на Твитер ја поздрави и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Денес е добар ден за Европа“, напиша таа, честитајќи им на претседателите на Украина и на Молдавија.
„Вашите земји се дел од европското семејство. Денешната историска одлука го потврдува тоа“, додаде Фон дер Лајен во објавата на Твитер