ЕУ ќе го замрзне имотот на Путин и Лавров

Европската унија, според неименуван претставник на Унијата, постигнала согласност за замрзнување на имотот на Владимир Путин и Сергеј Лавров, јави агенцијата Ројтерс.

ЕУ има согласност за замрзнување на имотот на рускиот претседател Владимир Путин и на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се неименуван висок претставник на ЕУ. Во меѓувреме ваква информација доаѓа и од германската агенција ДПА, која исто така се повикува на дипломатски извори.

Освен тоа, како што вели за Ројтерс претставник на ЕУ, се работи на натамошни елементи од третиот пакет санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.

„Дејствуваме најбрзо што можеме“, нагласува неименуваниот извор и додава дека ЕУ би можела да земе во визир и „многу други“ руски олигарси.

Непосредно пред ваквите информации од Брисел, украинскиот претседател Володимир Зеленски се жалеше на недоволна реакција од страна на Европа на руските напади врз неговата земја.

Портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт во Берлин изјави дека вонредниот самит на шефовите на држави или влади на ЕУ вчеравечер (24.02) траел долго поради тоа што се разговарало за заедничка оценка на ситуацијата околу Украина. Сѐ уште не е донесен трет пакет санкции, но договарањето може да помогне за подоцна да се делува побрзо, вели Хебештрајт. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, изјави дека во третиот пакет санкции може да стои и исклучување на Русија од меѓународниот платен систем Свифт. Аселборн не даде повеќе детали.