Во потрага по одговори за ненадејната смрт од срцев удар на хрватскиот ракометар Денис Тот (27) кој играше за скопскиот клуб РК Бутел, хрватските медиуми го контактираа македонскиот амбасадор во Хрватска кој изрази уверување дека овој случај нема да биде турнат под тепих туку истрагата ќе ги утврди причините за смртта на спортистот.
-Задолжително ќе се спроведе детална истрага. Директорката на Клиничкиот центар вели дека нема траги на насилство, дека не е убиство. Бил реанимиран, но на крајот почина. Дошло до проблеми со срцето. Предаден е на обдукција, но детално ќе се соопшти што било. Она што е сигурно е дека не бил под наркотици, дека немал никави туѓи супстанци во телото, во крвта, рече амбасадорот на Северна Македонија во Загреб, Милаим Фетаи.
Телото на младиот ракометар од Ѓаково е предадено на обдукција која треба да ја покаже вистинската причината за срцевиот застој, по кој настапи смртта.
– Се надевам дека јасно ќе се знае причината и дека нема да излезе дека се работи за насилна смрт. Жал ми е поради младиот живот, жал ми е што вака заврши, но се уште не ја знаеме причината. Можеби вие имате повеќе информации од мене. Ние го знаеме она што е официјално, што велата од Клиничкиот центар и од МВР. Многу ми е жал поради сето ова. Хрватска и Северна Македонија со векови го градат своето пријателство и не би сакал да се случи ништо што тоа би го нарушило, вели амбасадарот за Вечерњи лист.
Инаку, вчераутро околу 4 часот скопската Итна помош примила повик од непознат број за интервенција врз млад човек пред популарната дискотека „Привилиџ“ во Градскиот парк. Кога неколку минути потоа пристигнала екипата на Итната помош го пронашла ракометарот помодрен во лицето, но без други траги на насилство, со многу ниска сатурација и слаб пулс. Наводно мирисал на алкохол. Тој бил реанимиран на самото место, а потоа транспортиран на Ургентниот центар каде почина денеска.
Семејството на младиот ракометар доаѓа во Скопје за да го преземе телото по завршувањето на обдукцискиот процес.
ОБНОВЕНО:
Ракометарот Денис Тот пред да почине бил нападнат од две лица
Хрватскиот ракометар Денис Тот вчера изутрината бил нападнат од две лица, дечко и девојка, во близината на дискотеката „Привилиџ“, дознава „А1он“. Ракометарот Тот (27) попладнево почина на Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување (КАРИЛ).
Откако полицијата ги прегледала камерите на „Сејф Сити“, точно се утврдило што се случувало и отворен е предмет во полицијата.
На снимките наводно се гледа дека две лица, дечко и девојка, кои најверојатно биле во дискотеката „Привилиџ“ влегле во такси возило.
Ракометарот преку прозорецот им кажал нешто, и двајцата излегле од возилото, му удриле неколку шлаканици, Тот паднал на земја, а девојката го удрила неколку пати со нога по главата. Младиот ракометар, според нашите извори, не пружал отпор, а дечкото и девојката го напуштиле местото на настанот. Брза помош викнала девојка која што го видела телото на Тот на асфалтот.
Кога бил донесен во Ургентниот центар, ракометарот немал срцева акција. Докторите еднаш успеале да го реанимираат, но било залудно.
Неговото тело е дадено за обдукција, во Институтот за судска медицина за да се утврдат причините за смртта.