Не се познавам лично со Беким Сали, но ќе иницирам средба, за да го информирам за реорганизацијата на здравствениот систем и третманот на ковид пациентите. Ќе му оставам аманет да биде одговорен и транспарентен, пред сè, кон новинарите и тоа во било кое време, рече министерот во заминување, Венко Филипче.
Тој рече дека е горд што во неговиот мандат платите на лекарите се зголемени речиси двојно.
– Горд сум што ниту еден пациент со ретка болест не остана без лек и што го укинавме паралелниот увоз на лекови. Ако треба нешто да издвојам тоа е тимскиот дух во целиот периот и тоа што сите одлуки ги носевме заедно со колегите. Сметам дека добро се справуваме со пандемијата. Состојбата е мирна. Нема да правиме дополнотелни рестрикции пред Новогодишните празници, изјави Филипче.
Како што рече тој, најмногу жали што не успеал да го изгради Клиничкиот центар.
– Убеден сум дека изградбата на нов клинички центар е единствениот начин да се подигне здравствениот систем на највисоко ниво. Жалам што не успеав тој проект да го реализирам за време на мојот мандат. Апелирам опоцизијата да го одблокира законот. Има современа апаратура која не може да се внесе во малите операциони сали, треба да работиме сите за добро на граѓаните, рече Филипче.
Министерот Филипче денеска ја посети Универзитетската Клиника за Ортопедски болести, која по неколку децении, комплетно е реновирана.
– Клиниката е опремена со 20 болнички соби во кои можат да се лекуваат 70 пациенти. На оваа клиника работат голем рој на експерти и тука се извршуваат хируршки интервенции какви што не се извршуваат на ниту едно друго место во државата. Целокупното реновирање чинеше околу 13 милиони денари. Најголем дел од средствата се обезбедени од самата клиника, а останатиот дел од донатори, за што сум могу благодарен. Со ова се заокружува еден процес што значи осовременување на капацитетите за лекување. Освен болничките капацитети, претходно се реновирани и болничките сали, што значи целокупниот процес на лекување, хируршка интервенција, постоперативно закрепнување и делот за интензивна нега се одвива во сосема нови простории, рече Филипче.