Ѓорѓи Спасов: Декларацијата за Гоце Делчев е провокација

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Ѓорѓи Спасов, реагираше на пропадната декларација за Гоце Делчев на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи дека единствена цел за нејзиното предлагање во парламентот била – провокација.

„Застрашувачки било тоа што СДСМ ја одбил декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за ликот и делото на Гоце Делчев – вели младиот и надежен политичар на ВМРО, Муцунски. Тоа според него и според другите од неговата партија, било ‘сигурен знак’ дека СДСМ подготвува ново национално предавство во врска со идентитетот, како што го направил тоа со Преспанскиот договор и со референдумот. Декларацијата за Гоце Делчев, што тие ја предложиле, имала за цел да спречи ново национално предавство, да спречи нови отстапки кон соседите со кои ќе се уништел македонскиот национонален идентитет и да го обедини целиот македонски народ во одбрана на најсветите нешта за нашиот народ.

Новиот идеолог на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски, пак, вели дека таа декларација е всушност само еден вид програма за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и со неа се бара само да биде издадена поштенска марка со ликот на Гоце Делчев и се предлага Академијата на науките, со политичка препорака, да одржи научен собир на кој ќе се расправа за ликот и делото на Делчев. Според неговиот проверен метод на релативизација, тоа се прави само во отсуство на таква програма за одбележување на значајни датуми каква што требало да предложи Комисијата за култура во Собранието .

Ако е така, тогаш сигурно било многу поедноставно ВМРО-ДПМНЕ да достави предлог до Комисијата за култура во Собранието во рамките на програмата за одбележување на значајни датуми од македонската историја да бидат внесени и некои идеи за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Но, сосема е јасно дека тоа не би ја постигнало посакуваната цел.

Целта на декларацијта за Гоце Делчев е да се држи во центарот на вниманието на јавноста ‘опасноста од националното предавство што го подготвува СДСМ во соработка со ДУИ’, да се обноват обвинувањата дека оваа влада е подготвена на нови отстапки пред загрозувачите на македонскиот национален идентитет, да се претстави ВМРО-ДПМНЕ како единствен чувар на националниот идентитет и како партија која има капацитет да обединува врз основа на ‘одбрана на македонските национални интереси’.

Целата идеологија на ВМРО-ДПМНЕ е содржана во постапки низ кои ги обвинува другите за национални предавства, во ширење на стравот дека сите други освен ВМРО-ДПМНЕ го загрозуваат македонскиот национален идентитет, сите други се подготвени на нови отстапки, сите други имаат скриени намери и агенди да ја уништат Македонија . Партијата на Мицковски само со таа реторика и се одржува во политичкиот живот.

Декларацијата за Гоце е само еден од инструментите на таа политика за заплашување на народот, не за обединување туку за продлабочување на сомневањата, поделбите на патриоти и предавници , на големи Македонци и на оние другите, на чесните и корумпираните. И сето тоа се прави во овој случај преку затворање на очите за сѐ што е направено во сите изминати 70 години за почитување и одбележување на ликот и делото на Гоце Делчев.

И затоа не требаше да се прифати. Требаше да им се стави до знаење дека е веќе лесно препознатлива нивната нацоналистичка логика која игра со чуствата на граѓаните, ги злоупотребува најдлбоките патриотски чуства на граѓаните за свои политички цели и дневен профит и сее сомневања без основа..

Всушност, ги видовме нивните возвишени цели и почитувањето на ликот и делото на Гоце Делчев кога платија над еден милион евра за неговиот споменик пред мостот на Вардар за кој се испостави дека можел да биде изграден и само за 60 илјади евра колку што чинеше споменикот на Скендербег во иста големина во бронза. Ме чуди само како со декларацијата не предлагаат изградба на уште неколку такви споменици кои би биле излиени во бронза во Италија и би биле поставени во сите општини кај што победија на локалните избори. Тоа би бил добар извор за финансирање на нивните нови градоначалници. Сега имаат можност ‘патриотскиот грабеж’ да продлолжи“, напиша Спасов на Фејсбук.