Почитувани пријатели,
Чувствувам потреба најпрво како ваш сограѓанин да го споделам и мојот личен револт во однос на моменталниот проблем со прекинот на водоснабдувањето. Тоа е реален проблем кој директно засега стотици домаќинства и ние од реалноста не бегаме.
Од вториот аспект на ова обраќање, од позиција на прв човек на Општина Штип, после утринскиот увид од моја страна на самото место, должен сум да објаснам на граѓаните дека станува збор за голема хаварија. Под енормен притисок, пукната е цевка од која огромно парче (слика 2) е исфрлено од длабочина 3 метри под земјата, во соседната нива. Екипите на ЈП ,,Исар” од вчера работат на санирање на проблемот и во моментот од терен јавија дека санацијата е завршена. Се очекува водоснабдувањето да се стабилизира, со напомена дека повисоките места во градот ќе добијат вода за максимум 2-3 часа.
И покрај сложеноста на моменталниот квар и максимумот кој го даваат работниците, согласен сум дека се потребни темелни промени во функционирањето на јавното претпријатие, особено во начинот на менаџирање на ваквите кризни ситуации. Неинвестирањето во водоводна инфраструктура во еден подолг временски период кога одредени структури ги имаа раководните позиции во ЈП повеќе од цела деценија, ги вади на површина ефектите за кои предупредувавме и од говорницата во општинскиот Совет, како тогашна опозиција.
Нејсе, граѓанинот не го интересира политика кога се во прашање основните потреби на дневно ниво. А ние сме должни како знаеме и умееме да им ги испорачаме.
Затоа, ве уверувам дека уште од денес Општината почнува интензивно да работи на нова стратегија за справување со овој тип проблеми, земајќи ги предвид сите искуства кои ги имавме изминативе 3 години и сите проблеми со кои се соочивме.
Коренити промени ќе има, затоа што не постои поголем приоритет од граѓанскиот интерес!