Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска на маргините на економскиот форум Делфи во Грција, се сретна со својот грчки колега Николаос Панагиотопулос.
На средбата двајцата министри изразија задоволство од драстично зголемениот интензитет во одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Грција во последните две години, што дава сериозен придонес во регионалната безбедност.
„Грција е извонреден сојузник и пријател на Северна Македонија. Планот за билатерална соработка во одбраната годинава предвидува 42 заеднички активности од кои дел ќе бидат реализирани во Северна Македонија, а дел во Грција, што е јасен приказ на новото драстично повисоко ниво на посветеност на заедничката одбранбена соработка со акцент на специјалните сили, НАТО стандардизацијата, сајбер одбраната, заедничките обуки и вежби. Круна на взаемната доверба е воздушното патролирање на небото на Северна Македонија како дел од колективната одбрана на НАТО кое е доверено на грчките сојузници, како и учеството на Грција во најголемата вежба која годинава ќе се одржи на Криволак, ‘Swift response 22’”, рече министерката Петровска на средбата.
Зборувајќи за безбедносната ситуација во Европа и воениот конфликт во Украина, Петровска и Панагиотопулос се согласија дека единството на сојузниците во НАТО во осудата на воениот конфликт, во одлучноста за одвраќање и одбрана и во солидарноста со украинскиот народ, е поцврсто од кога било.
Северна Македонија и Грција ја делат истата визија за безбеден, стабилен и просперитетен регион – се согласија двајцата министри, при што министерката Петровска упати благодарност за недвосмислената поддршка од Грција за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија.