Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби присуствуваше на Свечената Академија за одбележување на 27 годишнината на основањето на Тетовскиот Универзитет.
Во неговиот говор, Груби го потенцираше значењето на ова прво гнездо на високото образование на албански јазик во земјата, потсетувајќи се на напорите за неговото основање и изразувајќи почит за придонесот на многу личности и семејства кои го обезбедија функционирањето на Тетовскиот Универзитет.
“27-те години на Универзитетот во Тетово се рефлексија на нашите национални заложби за еднаквост во оваа земја. Нашиот прв Универзитет помина низ многу предизвици во овие речиси три децении за да стане гласот на слободата, извор на љубовта кон татковината и инспирација за многу генерации, прво за да се зачуваат корените на идентитетот, а потоа со нашата праведна кауза слободно да се чекори кон напредокот. Овој ден несомнено дека треба да го одбележиме како триумф на искрените и праведни напори за да ја школуваме нашата младина на мајчин јазик, да им овозможиме непречено да го видат хоризонтот на животните добрини што ги носи знаењето. Ова е ден на рефлексија за сите наши заеднички достигнувања, бидејќи на ум ни носи цела историја на инспиративни напори кои никогаш не треба да се заборават, генерација по генерација. На овој ден не треба да се заборави и треба да се погрижиме да им го пренесеме на идните генерации придонесот на многу семејства кои имаа храброст да ги претворат нивните домови во универзитетски аудиториуми за да преживее овој Универзитет, заедно и со возвишената жртва на Абдулселам Емини.” – кажа Груби во неговиот говор.
Груби истотака високо ја вреднуваше досегашната работа на Тетовскиот Универзитет, сметајќи го за неисцрпен извор на квалитетни кадровски капацитети кои гарантираат прогресивна иднина за земјата.
“Денешниот ден ги надминува границите на годишнината, тој е и ден на рефлектирање и вреднување на актуелната улога на Универзитетот во Тетово. Навистина е задоволство да се види успехот на многубројните генерации на овој Универзитет кои денес се водечки кадри на прогресивните процеси на водење на државата во секоја нејзина област, пратеници, министри, раководители на институции. Со задоволство и гордост можам да констатирам дека нашиот Универзитет продолжува да биде неисцрпен извор на човечки ресурси и неоспорен научен центар кој ги обединува просветлените умови на нацијата преку соработка со други универзитети во земјата и во странство. Овој амфитеатар, оваа зграда ги претставува нашите национални образовни вредности, затоа треба да го сочуваме како наш дом, да го унапредиме како самите себе. Работата на Државниот Универзитет во Тетово е неисцрпен детерминантен извор на нашата здрава иднина.“ – изјави Груби.