Христо Иванов: Доколку РСМ не го прифати францускиот предлог, ризикува целиот процес да почне од почеток

Барањето за уставни промени за заштита на Бугарите во Северна Македонија ни помогна европските партнери да го разберат проблемот и доведе до францускиот предлог, вели претседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов за ДВ. Неговата партија е најмал коалициски партнер во владата на премиерот Кирил Петков која, во меѓувреме, ја загуби довербата на мнозинството во парламентот во Софија.

Според Иванов, доколку Северна Македонија не го прифати францускиот предлог, ризикува целиот процес да почне од почеток. „Апелирам до РСМ да не се обидува сега да го попречува процесот, бидејќи тогаш ќе стане многу потежок“, вели Иванов.

ДВ: Направивте големи напори и поднесовте извештај за укинувањето на ветото на РСМ , во согласност со францускиот предлог, а парламентот го усвои со респектабилно мнозинство. Не можеше ли ова да се случи порано, за да не се користи темата како мотив за рушење на власта?

Христо Иванов: Веројатно можеше, но зависевме од тоа кога француското претседателство ќе го подготви својот предлог и се вклопивме во рокот што истекува со француското претседателство на крајот на јуни. Ова беше можниот политички прозорец од кој што искористивме еден многу добар предлог за нас. Но, можевме многу порано да имаме рационална јавна дебата, која беше заменета со компромитирачка кампања против власта. Посебно сакам да истакнам дека сум подносител на извештај со кој се финализирани напорите на бугарската дипломатија и тимот на премиерот Кирил Петков. Се разбира, тие се надоврзуваат и на работата на претходните влади. Се покажав како личност во парламентот која може да води мирен разговор со сите и така се најдов во улогата на подносител.

А какво значење имаше тоа што претседателот Радев неочекувано застана зад предлогот на Макрон? Дали ова беше обид да се консолидира неговиот разнишан евроатлантски легитимитет?

Мислам дека не беше неочекувано – на првичните услови на Бугарија со помош на Претседателот се додаде и барањето за промена на Уставот за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија. Ова додаде агол од кој нашите европски партнери успеаја да го разберат проблемот со Бугарија. Затоа што заштитата на човековите права им е блиска, за разлика од лингвистичките и историските спорови што ги имаме. Ова ни помогна да дојдеме до таканаречениот француски предлог.

Колку укинувањето на ветото против РСМ беше вистински мотив на ИТН за рушење на власта или беше само изговор?

ИТН ја користи темата Северна Македонија буквално како тема со која се мери власта за да реши некои други домашни и кадровски прашања. Оваа тема е премногу важна за да се шпекулира со неа на ваков начин.

Дали вашите успешни напори за укинување на ветото од дивиденда ќе се претворат во обврска доколку Македонците не потпишат?

Откако европските институции развија став – таа не е само на Франција, туку е координирана со другите земји во Унијата и со Комисијата, а откако ќе биде усвоена од Бугарија, веќе формира стандард, црвена линија би рекол. Доколку PCM не го прифати, ризикува да го испрати целиот процес на почеток и тој да започне под многу полоши услови. Ако сега не успееме да ја затвориме темата, популистичките злоупотреби со неа ќе влезат во нова фаза. Особено на предвремени избори кај нас. Апелирам до РСМ да не се обидува сега да го попречува процесот, бидејќи тогаш ќе стане многу потешко.