Ида Протуѓер го сподели искуството со своето дете: Болка кога детето отстапува од просекот и е „казнето“ поради тоа

Сочувствувам со родителите на Ембла и сум ја почувствувала таа болка кога детето отстапува од просекот и е „казнето“ поради тоа. И тоа тука во Австрија.
Во Австрија системот е трослоен. Има настава за деца со типичен развој, интегративни групи каде има деца со типичен и атипичен развој и училишта за деца со посебни потреби.
Моето е накеде помеѓу. Родено предвреме, како и многу други прематурчиња, се соочува со развојни предизвици, главно со задржување на вниманието.

Првиот удар беше од директорката на школото каде лани одеше во нулта клас. Преинтелигентен, ама не се вклопувал во сликата на дете со „пет звезди“, па директорката не посоветува да си најдеме друго школо.
Со некое штуро објаснување дека е темпераментен, смета на час и на учителката, па подобро ќе му било во друго школо. Директорката како што дознав од родители, сакала да фура елитизам во најзиното школо, да се зборува дека вади кадри за некоја елитна гимназија.

Од тоа што ми пренесе за него, стекнав впечаток дека се работи за шестгодишен деликвент, дрзок и невоспитан. Нејсе, потоа и од дневниот престој чија учителка соработуваше тесно со школото ни рекоа да си бараме интеграциска паралелка зошто барал повеќе внимание од просечните деца.

Кога одеднаш од две места со авторитет ви велат дека вашето дете не е баш посакувано во таа средина на децата со типичен развој, ударот е голем и се чувствувате виновни и казнети, а не знаете зошто. Конечно се решивме да го запишеме во друго школо затоа што една мајка ми пристапи и ми кажа дека учителката е дрска со сите деца кои си играат со моето дете и дека мисли дека е предмет на мобинг. Нормално, бидејќи беше предмет на мобинг, реагирал со учителката дрско во одбрана. А Климент ја жалеше. Дека татко му му рече во една прилика дека да се нервира е лошо по здравјето, Климент се враќа од школо и вика, „мама жал ми е за Мелинда, треска на маса, се нервира, ќе се разболи“.

Го запишавме во истиот дистрикт, на 1 км оддалеченост, исто во јавно школо, каде син ми не само што е прифатен и поддржан туку имаат индивидуален пристап кон секое дете, наместо да го вкалапуваат. Него често пати му дозволуваат бидејќи брзо завршува домашна да си игра за да не му е досадно. Кога другите прашале зошто Климент си игра, а ние пишуваме, учителката им рекла затоа што сите деца се различни. Нема разлика во системот, туку во луѓето. Тука во Виена секое школо се брендира оддлено. Ланското беше „школо со традиција“, сегашното „школо со срце“.

Лани ќе речев дека австрискиот образовен систем е ксенофобичен. Но на 1 км оддалеченост најдов сосема поинаква топла и поддржувачка атмосфера и во школото и во дневниот престој. Истрауматизирана од лани, кога на родителска средба учителката ми рече дека имаме многу добро дете кое и е многу драго, јас се расплакав.

За случајот со Ембла можам само да го преведам тоа што и го пишав лани на директорката и останав без одговор.
„Почитувана, жално што во такви паралалени системи децата растат одделно и немаат можност да ги разменат ресурсите. Можеби некое дете не е „просечно“ и не ветува успех според вашите критериуми на постигнувања за деца со типичен развој, ама има други таленти и ресурси кои би можеле да унапредат едно општество.

Неодамна го гледав последниот дел од „Војната на звездите“ и во глава ми остана една изрека „никогаш не потценувај дроид”.
Дроидите беа различни од луѓето, ама делеа исти вредности и иста борба за слобода. Во клучниот момент дроидот беше пресуден за победата.
Верувам дека ќе дојде време кога нема да бидат одвоени 68% деца со просечен развој од оние 32% кои имаат нетипичен развој и посебни потреби и ќе имаат можност да растат заедно, наместо паралалено. Инклузивноста не значи само прифаќање на друга вера и националност, туку прифаќање на индивидуата, човекот како уникатно суштество со уникатни ресурси. Тоа е хуманост. Се друго е сегрегација.

ФБ статус на Ида Протуѓер