Излагањето на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски на јавната расправа за состојбите во лозарството:
“На денешната јавна расправа, на тема „Информација за состојбите во лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година“ информирав дека оваа Влада воведе интервентна мерка од 2 денари за вранецот и смедеревката кои ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и 2 денари субвенција за откупено грозје, средства кои ќе бидат исплатени до крајот на оваа година преку владината Ковид програма.
Договорена е и супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флашираното вино.
Дополнително за извозот, за откупени до 12 милиони килограми државата ќе субвенционира 2 денари, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, а ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција.
Со цел да се откупи грозјето со послаб квалитет, Владата воведе и дополнителна интервентна мерка од 4 денари по килограм , за предадено грозје кое е наменето за вински дестилат и гроздов сок.
Владата реагираше брзо и превзеде конкретни мерки со кои ќе се надмине проблемот. Очекуваме дека ќе се донесат заклучоци кои ќе дадат насоки за подобро организирање во подсекторот лозарство и винарство.”